Граѓанската иницијатива „Здрава котлина“ најави дека денес, 10 февруари 2026, ќе организира мирна блокада во Струмица поради, како што велат, отсуство на итни и ефективни мерки против аерозагадувањето. Блокадата, според најавата, ќе трае два и пол часа и ќе се одвива на трите улици кај кружниот тек кај Поштата.
Од иницијативата велат дека и по неодамнешниот протест и официјалното доставување на нивните барања има почетна реакција од надлежните институции, но дека резултати на терен сè уште нема. Според нив, проблемот не е во недостиг на предупредувања, туку во недостиг на конкретни одлуки што веднаш ќе го намалат загадувањето.
Како клучна мерка ја посочуваат обврската за филтри во индустриските капацитети и најавуваат дека нема да се двоумат да блокираат објекти што работат без соодветна заштита. Тврдат и дека заканите и притисоците од сопственици на индустриски капацитети нема да ги запрат, туку дека ваквите случаи ќе ги пријавуваат до надлежните институции.
„Здрава котлина“ во соопштението наведува дека продолжува палењето на бакар и посочува на неодамнешна ситуација на улицата „Антон Панов“, каде што, според нивните тврдења, улицата била намерно блокирана со луѓе и возила за да се прикрие оголување на поголема количина кабел, за кој претпоставуваат дека би можел да биде распореден и запален во наредните денови. „Не може грст луѓе да трупаат пари врз здравјето на сите нас“, порачаа од иницијативата, најавувајќи продолжување на протестите и блокадите.
Пред околу десет дена екоиницијативата организираше протест на кој, меѓу другото, побара примена на принципот „Нема филтер – нема бизнис“, односно итна забрана за работа на индустриски капацитети што немаат соодветни филтри. Меѓу барањата е и институциите да преземат мерки за загаденоста во Струмица да биде двојно пониска од националниот просек, како и ревизија на А и Б еколошките дозволи и елаборати врз основа на кои работат индустриските капацитети и помалите производствени погони.



