Пратениците на СДСМ ја напуштија собраниската седница откако законот за минимална плата не беше ставен на дневен ред

Додека пред Собранието траеше блокадата која ја организираше Сојузот на синдикати на Македонија за зголемување на минималната плата на 600 евра и на другите плати за 100 евра, внатре во собраниската сала траеше политичко надмудрување меѓу власта и опозицијата на истата тема.

Епилогот е: не помина предлогот на пратениците на СДСМ да се гласа за дополнување на дневниот ред со нивното законско решение со кое се прифаќаат барањата на ССМ, по што тие решија да ја напуштат работата на денешната 84. седница. До соопштување на ваквата одлука на опозициската партија претходеше дебата меѓу координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, и претседателот на Собранието, Африм Гаши, а беше дадена и едночасовна пауза.

Според објаснувањето на Гаши, предлогот на СДСМ за дополнување на дневниот ред со законско решение за зголемување на минималната плата не можел да се стави на гласање бидејќи тој не бил доставен до сите пратеници, односно бил на преведување.

„Го вративме на доработка, тој е примен денеска во архива и се надевам многу брзо ќе биде доставен до сите пратеници и на наредната седница ќе имаме можност да го дополниме дневниот ред“, рече Гаши.

Претходно, во образложението, Спасовски рече дека пратеничката група на СДСМ го поднела Предлогот за изменување и дополнувење на Законот за минимална плата на 31 јануари, со што, како што рече, е исполнет условот точките кои биле поднесени до крајот на минатиот месец да бидат ставени на оваа седница. Забелешките кои ги добиле за образложението на текстот биле вметнати и текстот повторно е досставен до Собранието.

„Дополнувањето односно поправањето на текстот, според собранискиот Деловник не значи повторно поднесување“, рече Спасовски.

Тој образложи дека пратениците на СДСМ сметаат дека барањето на синдикатите да се зголеми минималната плата на 600 евра или во денарски износ на 36.960 денари е реална основа и дека има можност од каде може да се обезбедат финансиски средства. Тој потсети дека кога владата на СДСМ го почнала мандатот минималната плата била 8.600 денари, а кога заминале изнесувала 22.400 денари.

„Има можност, само треба политичка воља да се излезе на барањето на работниците“, реќе Спасовски.

Сепак, ваквиот предлог не беше ставен на гласање. Причината, спред Гаши е затоа што не е доставен до пратениците, по што Спасовски побара еден час пауза, но истовремено го обвини Гаши за двојни стандарди.

„Не може да имате двојни стандарди во однос на поднесување на законски текстови. Ако ги извадите стенограмите, ќе видите на колку седници реагирам дека се ставаат на дневен ред предлози коишто ги доставуваат до почетокот на седницата, но само ако предлогот е од ВМРО-ДПМНЕ. Деловникот е јасен, се поднесува до почетокот на седницата. Ние сме го поденеле на 31 јануари“, рече Спасовски.

По паузата, откако не помина предлогот на дневен ред да се стави законското решение, Спасовски повторно го обвини Гаши дека нема ист аршин за предлозите на власта и на опозицијата.

„Ние не баравме ништо друго, освен предлогот да го ставите на гласање и денеска да се изјасниме. Нема ништо спорно. Не може моето право како координатор или пратеник од опозицијата да е послабо од правото на кој било пратеник на власта“, рече Спасовски, повикувајќи го Гаши да образложи не само пред пратениците туку и заради граѓаните коишто го блокираа Собранието зошто не го става предлогот за зголемување на минималната плата на гласање.

„Сметам дека постапувате спротивно на Деловникот. Оваа пракса која што ја воспоставувате уште повеќе го руши дигнитетот на Собранието и на пратениците, затоа што ги ставате пратениците во подредена улога едни наспроти други. Од тие причини пратеничката група на СДСМ нема да учествува во работата на оваа седница“, рече Спасовски

Гаши во одговор рече дека додека е претседател на Собранието никогаш се нема случено да предложи точка на дневен ред за усвојување и да биде дел од дневниот ред, а материјалот да не биде доставен до пратениците.

„Тоа е основно начело на работа на Собранието и во Деловникот. Не можеме да расправаме за нешто што не го знаеме и го немаме како материјал. Ви реков дека материјалот е на превод, штом ќе биде доставен до сите пратеници може да расправаме по истиот“, рече Гаши.

Инаку, Собранието во рамки на денешната 84. седница ги изгласа Oдлуката за изменување на Одлуката за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици членови на Националниот совет за евроинтеграции и Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија.

За Предлог на законот за ратификација на Дополнителниот протокол кон Конвенцијата за Договорот за меѓународен патен превоз на стоки (CMR) за електронски товарен лист, не беа исполнети деловнички услови за разгледување и беше повикан претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи да закаже седница и да го разгледа.

Собранието со работа по 84. седница ќе продолжи утре во 11 часот.

Пронајдете не на следниве мрежи: