„Новата Програма за директни плаќања за 2026 година беше одобрена на владина седница“, објави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој рече дека е направено минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел зголемување на домашното производство на храна.
Тој нагласи дека сериозен фокус ќе се стави на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, за да можат средствата да стигнат до вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспектори од Државниот инспекторат за земјоделство беа ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи истекување на државни средства кон лица кои досега користеле субвенции, но не обработувале земјоделско земјиште“, објасни Трипуновски.
Според него, земјоделците ќе мора да сертифицираат дел од своето производство со тоа што ќе го достават до преработувачки или откупни центри.
„Сè е поставено во рамките на законската рамка за да се следи нивото на производство и со тоа да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата на опозицијата, нагласувајќи дека нема намалување на субвенциите, туку само воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат за цел да постават јасна насока за наредниот период. Субвенциите треба да им се дадат на оние кои навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, заклучи министерот.
The post Трипуновски: Нема да има намалување на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци appeared first on Во Центар.



