Силјановска-Давкова: Порационално и поевтино е да се има нов и поголем владин авион

Претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, денес, користејќи го прашањето за новиот владин авион, рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен е половен, и смета дека треба да се купи нов, но поголем авион, за да можат, како што рече, да се транспортираат и новинари.

„За да ве насмеам, моите претседателски колеги од регионот го нарекуваат владиниот авион „авионот на браќата Рајт“, бидејќи е најмал и најстар. Можам да зборувам во свое име. Користењето владин авион понекогаш овозможува функционално извршување на државните работи, но е и поевтино од користењето комерцијален лет. Сега не е многу пријатно кога знам дека е стар 25 години и е купен половен. Кога ве гледам вас новинарите, се сеќавам дека моите претседателски колеги велат дека е многу порационално и поевтино да имаме поголем авион од нашиот помал, бидејќи тогаш повеќе луѓе можат да се качат на лет и да се вратат кога сакаат. За мене е голем хендикеп, што немаме новинари со нас“, рече Силјановска-Давкова.

Владиниот авион „Лирџет 60“ е произведен во 2004 година во Вичита, Канзас, во фабриката „Бомбардиер Аероспејс“ и е во употреба од јануари 2005 година. Набавен е за време на владата на Владимир Бучковски. Според неговите перформанси, станува збор за бизнис млазен авион со среден дострел, што значи дека може да лета од Скопско и Охрид до Европа и Блискиот Исток, но не и до прекуокеански дестинации, и има седум седишта.

По секојдневните апели од Сојузот на синдикати (ССМ) и од СДСМ владата да се откаже од планираните трошоци за купување нов авион и да ја зголеми минималната плата на 600 евра, како и платите на администрацијата за дополнителни 6.000 денари, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека нема да се купува нов авион.
The post Силјановска-Давкова: Порационално и поевтино е да се има нов и поголем владин авион appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: