Во Стопанската комора во Кичево се одржа седница на која се разгледаа актуелните економски состојби во регионот, инфраструктурните приоритети, поддршката на локалните компании, како и можностите за заеднички иницијативи меѓу бизнис-заедницата и локалните власти.
На седницата присуствуваа и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, и градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски, при што беше нагласено дека Македонија ќе постигне значаен напредок во следните две години.
„За две години, Македонија ќе изгледа како градина во која ќе се отворат перспективи за задржување на младите луѓе во земјата, ќе се отворат перспективи за нов стандард, а компаниите ќе имаат поголем профит. Она на што моментално работиме заедно, мислам дека е основа за барањата на бизнисот за подолг период. Ова е нов инвестициски циклус кој, заедно со приватниот сектор, ќе достигне 12-13 милијарди долари“, рече Азески.
Тој зборуваше и за моменталната економска состојба, нагласувајќи дека е потребен регионален стратешки партнер за нејзино надминување.„Ќе кажам една реченица отворено, на Македонија ѝ е потребен регионален пријател, да ја напушти политиката на дистанца и да постави курс со кој точно ќе знаеме каде одиме, со кого одиме, со каков потенцијал и со какви средства одиме во таа насока. Без ова нема напредок. На Македонија ѝ е потребен пресврт, бидејќи досегашната работа не даде резултати“, вели Азески.
The post Азески: Во следните две години ќе се отворат перспективи за задржување на младите луѓе во земјата appeared first on Во Центар.



