Со предложените измени на Законот за високо образование, ДПМНЕ уште еднаш покажува дека образованието го гледа како елитистичка привилегија. Министерката предложува зголемени критериуми за избор во наставно-научни звања, барајќи од 6 до 7 научни трудови, од кои најголем дел во списанија со импакт фактор од Web of Science и Scopus. Она што намерно се премолчува е дека објавувањето во овие списанија чини илјадници евра по труд, средства кои државата не ги обезбедува системски, особено не за млади истражувачи, се вели во соопштението од ПП Левица .
Со овие измени, всушност, професори ќе можат да станат само децата на богатите, оние што имаат лични или семејни ресурси да плаќаат публикации, конференции и „академски трошоци“. Јаневска со ова ја исклучува државата од инвестиции во науката и ја префрла одговорноста врз поединецот. ДПМНЕ уште еднаш ја претвора науката во пазар, а универзитетот во филтер за социјална селекција.
Особено проблематична е и одредбата со која новоизбраните редовни професори ќе подлежат на реизбор по 7 години, додека веќе избраните ќе останат надвор од оваа обврска. Со тоа се создава двослоен професорски корпус и се укинува самата суштина на tenure-принципот.
Tenure е историски механизам за заштита на академската слобода, кој потекнува од средновековните европски универзитети и подоцна е развиен во модерните универзитетски системи токму за да се спречи политички, партиски и пазарен притисок врз професорите. Со постојан реизбор, професорите стануваат зависни, дисциплинирани и послушни, наместо критички и слободни научници.
Истовремено, „затекнатите“ професори се изземаат од обврските кои ќе важат за новите генерации, што е класичен пример на институционална неправда.
Левица е и категорично против промената на мандатот на ректорите од три на четири години. Тригодишниот мандат има длабоки историски корени уште од римското право и средновековната универзитетска традиција, каде управните функции намерно биле кратки за да се спречи концентрација на моќ и клиентелизам. Ректорот е „прв меѓу еднаквите“, а не универзитетски партиски гувернер. Продолжувањето на мандатот, заедно со промена на моделот за избор, отвора простор за политичка контрола врз универзитетите, што се чини дека е и целта на ДПМНЕ.
Најголемиот пропуст на овој закон е целосното отсуство на социјална компонента. Во држава како Македонија, високо образование може и мора да биде целосно бесплатно. Словенија одамна го покажа тоа: со бесплатно и достапно високо образование таа привлече илјадници талентирани матуранти од регионот, кои не само што студираа таму, туку останаа да живеат и да ја развиваат словенечката економија и наука. Денес Македонија ги губи токму тие млади луѓе затоа што државата не инвестира во нив.
Наместо бркање бројки за Шангајски листи без суштинска стратегија, потребно е јавно финансирање на научни публикации, социјална достапност на академската кариера, заштита на академската слобода и вистинска автономија на универзитетите.
ПП Левица


