Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Мексико – да ја напуштат земјата во прва можна и безбедна прилика.
Како што се наведува во соопштението, во исто време се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од „итен и неопходен карактер“.
„Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на е-адресата [email protected]“, наведуваат од Министерството.
Оттаму додаваат дека МНР континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста.
Инаку, Мексико се соочува со бран насилства и блокади, по убиството на Немесио Осегуера, познат како Ел Менчо, водач на моќниот картел „Нова генерација Халиско“ (CJNG), кој беше убиен за време на воена рација.



