Над 200 повреди годишно на работното место, градежништвото убиец број еден

Преку 200 повреди годишно, 20тина од нив со фатални последици. Ова е просекот на нашата црна статистика низ годините на работните места во приватниот сектор. Особено градежништвото е убиец број 1, потоа земјоделието, а надлежните исклучени ко на flight mode.  

Несреќите на работното место се се посериозен проблем во Македонија, особено кога се проследени со повреди и повреди со фатален крај. Секоја година над 200 работници се повредени, а повеќе од дваесет завршуваат фатално. Во периодот од 2021ва до крајот на 2025 година, бројот на регистрирани несреќи надмина илјада, што ја нагласува итната потреба од подобри законски одредби, но уште поважно построги контроли и инспекција која може да го сноси овој проблем.
Само во 2025 година, според податоците од Министерството за внатрешни работи, се случиле 242 несреќи, од кои дури 12 завршиле со смртен исход, што покажува дека проблемот се зголемува со текот на годините.
Дефинитивно најризични сектори се градежништвото и земјоделството, каде работниците се најчесто изложени на сериозна опасност, а кога ќе се случи повреда, таа најчесто завршува со тешки телесни повреди и смрт.
Бројот на повредени работници во градежништвото расте од година во година, а во просек над 20 несреќи завршуваат со смртен исход годишно. Главните причини за несреќите се многубројни: несоодветна или непостоечка лична заштитна опрема, небезбедна механизација, недоволен или неквалификуван кадар и притисок врз работникот да не ја одбие работата иако неговата безбедност е загрозена.
Недоречености, но многу повеќе и непримена од Законот за безбедност и здравје при работа, допринесоа да работните места се ко минско поле. Секојдневно работниците се повредуваат,а исходите за жал, секогаш на товар на работникот и фамилијата. Многу ретко, скоро и невидено, газда или инвеститор се нашол пред судот на правдата, да признае вина или пак истата ја констатирал инспектор. Да не заборавиме и која е цената за една повреда, а уште потрагично пак колку чини човечкиот живот, кога би ги виделе полисите за осигурување од повреда или смрт. Платата на еден газда од градежништво е поголема од штетата која ќе ја добие работникот или во најлош случај семејството на работникот.
Покрај градежништвото, значителен број на повреди се регистрираат и во земјоделството, металната индустрија, шумарството, сообраќајот и транспортот. Уште поголем хендикеп е што на хартија речиси нема професионално заболени лица, иако во пракса нивниот број расте секојдневно. За истите работни места во минатиот систем на Југославија, Македонија имаше преку 20.000 професионало заболени работници, денес нема. Сите се “болни” од старост, никој од струката за која загинал.
Лошите услови за работа поради надворешни влијание (од -10 до +40ц), немањето бенефициран стаж, ниските плати и нееднаквиот третман пред суд доведоа да Македонија остане без квалификуван кадар, и искрено сеуште нема светло на крајот на тунелот. Цели автобуси мајстори секојдневно заминуваат во потрага по подостоинствена плата, веќе кога условите за работа неможе да се поправат. Оние кои се квалификувани мајстори дополнително се приморани да работат и на црно, бидејќи платата од редовно работно време не стигнува за цел месец. Според државниот завод за статистика, работниците во трудо-интензивните дејности, повторно се далеку под просекот. Увозот на странски работници не може да ги замени домашните мајстори и инженери, кои често и заминуваат по неколку плати кога ќе сфатат дека тие средства се недоволни за живот. Денешниот дефицит од илјадници квалификувани работници создава големи ризици при реализација на инфраструктурни проекти, особено во градежништвото и индустријата за градежни материјали.
На брза лента минатата Влада донесе Закон кој угоди на еден конзорциум да работи легално по 12 часа дневно во просек и тоа токму на изградба на инфраструктурни објекти, што е дефинитивно најсуровото градежништво во пракса. Овие работници не успеавме ни да ги видиме кога стигнавме до кампот, а камо ли да ги организираме во синдикат и поразговараме за проблемите.
Се додека делот за безбедност и здравје при работа е трошок за работодавачите наместо инвестиција, не може да очекуваме напредок или позаштитени работници. Достоинствените плати и безбедните услови за работа се предуслов за продуктивни работници.
 Пишува Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво и потпретседател за приватиот сектор во ССМ

Пронајдете не на следниве мрежи: