Држава со двојни аршини. За едни мајка, за други маќеа. Ако добро се испазариш ќе добиеш куќен притвор место притвор. Враќањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби, осомничен за милионска проневера по 14 месеци бегство, повторно го наметна прашањето за објективноста на македонското судство.
Реакциите за преиначувањето на мерката притвор во куќен притвор не стивнуваат. Не реагира само опозицијата која тврди дека се е однапред испланирано меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Реагираат и граѓаните на социјалните мрежи, поранешни претседатели на Кривичниот суд, адвокати.
Со реакција се јави дури и првиот човек на Министерството за правда – министерот Игор Филков, кој јавно на прес-конференција ги прозва со име и презиме сите инволвирани во одлуката да му се определи куќен притвор на Груби. Повикувајќи ги Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да свикаат итни седници, Филков овој случај го нарече скандал што не смее да се премолчи.
– Денес сме сведоци на скандал, кој не смее и не треба да се премолчи. Станува збор за лице осомничено за проневера на над осум милиони евра, лице што 14 месеци било во бегство, лице за кое бил утврден ризик од бегство, ризик што се остварил. И за помалку од еден ден таа мерка се заменува со куќен притвор. Ова не е само процесна одлука. Ова е тест за целиот систем. Одговорноста за ваквата одлука мора да биде лоцирана со име и презиме, вели Филков.
На прозивките од Филков реагираше Сузана Јошевска Анастасовска, член на Судскиот совет посочувајќи дека нема потреба од седница на Судскиот совет затоа што Судија НЕ СМЕЕ да изрече мерка притвор ако има предлог од обвинител за куќен притвор.
Реагираше и поранешниот прв човек на Кривичниот суд Владимир Панчевски, кој беше еден од кандидатите за прв човек на Државното обвинителство. И тој призна дека Македонија е држава со двојни аршини.
– Јас бев претседател на најголемиот Кривичен суд во државава, бев шеф на судскиот Оддел за организиран криминал, а како судија во тој оддел судев тешки криминалци, да не ги набројувам … Во Шутка ме ставаа и вадеа по налог на Зоран Заев три пати и ниту еднаш не побарав заштита или се повикав на мојата сигурност и безбедност!!! ОД НАРОДОТ ЛИ СЕ ПЛАШИ АРТАН ГРУБИ??? НАРОДОТ ЛИ Е КРИМИНАЛЕЦ ИЛИ ТОЈ?! Ако не и негувателка, обезбедување и возило мајбах да му дадеме за проневерени милијарди на товар на граѓаните! В.Д обвинителката денес ја изгнаси својата обвинителска тога, после ова таа ли ќе биде Државен обвинител???, напиша Панчевски на Фејсбук.
Реакции стигнуваат и од адвокати. Јанаки Митрески во објава на Фејсбук вели дека следниот пат кога ќе застапува обични маченици и кога за нив ќе се бара притвор, нема да биде препознатливо борбен, туку ќе гризе.
– Поради објективни причини не можам да го коментирам куќниот притвор за Груби. Но едно ќе кажам, и нека читаат од ОЈО СКОПЈЕ, ОЈО ГОК и одделение за претходна постапка во суд. Следен пат кога за обичниве маченици кои ги застапуваме ќе се бара притвор, особено на неосудувани, или нема да се прифаќа гаранција, нема да бидам препознатливо борбен. Има да ГРИЗАМ!!! Абе гол ќе се соблакам и нема да тренирате строгост на обични смртници кога на оние кои ја покрадоа државава пеперевка им играте!!!, стои во објавата на Митрески.
Од Обвинителството се правдаат дека одлуката е донесена поради сериозни индиции дека во притворското одделение не можела да се гарантира личната безбедност на осомничениот.
– Во однос на реакциите на јавноста во врска определената мерка за обезбедување – куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“, обвинителството нагласува дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа, истакнаа од Обвинителството.
На ваквото тврдење од Обвинителството, со контра изјава се јави директорот на затворот Скопје Бобан Утковски, кој тврди дека безбедноста во затворот е на прво место и дека ниту МВР, ниту АНБ не се обратиле до затворот.
– Ниту претставник од страна на МВР и АНБ се нема ниту писмено, ниту усно обратено до мене или до институцијата што ја водам за да побара мислење за безбедноста во пермитарот што ние го обезбедуваме така што во тој контекст јас тука би застанал. Нека се произнесат самите служби МВР и АНБ дали проценката што ја дале кореспондира со реалноста, вели Утковски за Сител.
И додека јавноста полемизира околу изречената мерка за Груби, тој вчера беше однесен во куќен притвор од каде ќе го чека понатамошниот исход во постапката против него за случајот со проневерените осум милиони евра за набавка на апарати во Државна лотарија, додека првообвинетиот – поранешниот директор на Државна лотарија и понатаму е недостапен за органите на прогонот.


