Апелација пресуди против ИРЛ, во корист на Анѓушев, реагираат новинарските здруженија

Апелација одлучи во корист на бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев кој ја тужеше ИРЛ поради изнесени наводи во документарниот филм „Заговор против воздухот“, емитувана пред пет години на МРТ.
Всушност, Апелација денеска ја одби како неоснована жалбата што уредничката Сашка Цветковска и ИРЛ ја поднесоа на првостепената пресуда според која тие изнеле лаги и клевети во документарниот филм со цел да ги нарушат честа и угледот на Анѓушев.
Од компанијата на Анѓушев ја поздравија ваквата одлука посочувајќи дека со оваа пресуда е потврдено дека оваа група со години врши медиумски клевети и изнесува лаги.
– Судовите со овие пресуди потврдија дека оваа група со години врши медиумски клевети, изнесува лаги и зависно од текот на финансиите креира средина во Македонија за јавна пресметка со одредени личности за да направи дефокус и заштита токму на вистинските сторители на казниви дела, и користена е за внатрешни политички пресметки во Македонија служејќи на одредени страни, се наведува во соопштението.
Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразија сериозна загриженост за судскиот притисок кон независното истражувачко новинарство.
– Првостепената пресуда во овој случај беше донесена во 2023 година и тогаш исто така јавно реагиравме бидејќи пресудата не навлегува во суштината на тужбата за наводната клевета кон поранешниот вицепремиер Анѓушев во емисијата емитувана во 2021 година на МРТВ, туку се врши дискредитација на новинарите и на непрофитниот медиум ИРЛ сѐ со цел да се оправда првостепената одлука. Во образложението на таа пресуда, која сега ја потврди и Апелација, се поставува досега невиден и опасен преседан судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој смее да се бави со новинарска дејност. ССНМ и ЗНМ сметаат дека токму овие произволни и паушални толкувања на Законот за медиуми, како и на Законот за здруженија и фондации претставуваат пред сѐ залажување на јавноста од страна на судот со цел оправдување на оваа скандалозна и досега невидена одлука во македонското правосудство, велат од двете новинарски организации.

Пронајдете не на следниве мрежи: