Откако јавно преку платформата Икс застана во одбрана на САД за конфликтот на Блискиот Исток, шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски телефонски се слушнал и со израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саʼар.
Во разговорот беше реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност. Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето.
Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, информира попладнево Министерството за надворешни работи.
Македонија застана зад потегот на САД и Израел, додека повеќето европски лидери, меѓу нив и францускиот претседател Емануел Макрон ги оценија случувањата на Блискиот исток како случувања со сериозни последици за меѓународниот мир и безбедност и побараа итен состанок на Советот за безбедност.


