Витаминот Ц игра важна улога во одржувањето на здравјето, но треба да се зема умерено. Иако придонесува за зајакнување на имунолошкиот систем и општата состојба на организмот, прекумерното внесување, особено преку додатоци во исхраната, може да предизвика несакани несакани ефекти, а во одредени случаи и посериозни здравствени компликации.
Овој витамин се наоѓа природно во овошјето и зеленчукот, особено во агрумите, пиперките и зелениот лиснат зеленчук. Неопходен е за правилно функционирање на имунолошкиот систем, заздравување на раните, одржување на здравјето на коските и поддршка на мозочните функции.
Бидејќи е растворлив во вода, телото не го складира, туку вишокот се исфрла преку урината. Токму затоа е важно секојдневно да се внесуваат доволни количини преку исхраната. Проблемот, сепак, најчесто се јавува при неконтролирано внесување додатоци во исхраната. Некои додатоци содржат значително повисоки дози од препорачаните, што може да го оптовари организмот.
Најчестите реакции на прекумерен внес на витамин Ц се лошо варење. Консумирањето повеќе од 2.000 милиграми дневно може да доведе до дијареја, гадење, болка и грчеви во стомакот. Овие тегоби се поврзани главно со земање додатоци во исхраната, додека речиси е невозможно да се внесува премногу витамин Ц исклучиво преку храна.
Витаминот Ц му помага на телото подобро да го апсорбира железото од храната. Иако ова е корисно во многу случаи, за луѓето кои имаат тенденција да акумулираат железо во телото, премногу витамин Ц може да ја влоши состојбата. Ова може да предизвика оптоварување на органи како што се црниот дроб, срцето и панкреасот.
Вишокот на витамин Ц во телото се претвора во оксалат, кој се излачува во урината. Во одредени ситуации, оксалатот може да се врзе за минерали и да формира кристали, што го зголемува ризикот од камења во бубрезите. Земањето многу високи дози подолго време може дополнително да го зголеми овој ризик.
Урамнотежената исхрана богата со овошје и зеленчук во повеќето случаи е сосема доволна за да ги задоволи потребите на организмот, без ризик од предозирање.
The post Прекумерниот внес на витамин Ц може да предизвика сериозни здравствени проблеми: Обрнете внимание на овие симптоми appeared first on Во Центар.



