Македонија со поддршка за Саудиска Арабија, ОАЕ, Катар, Кувајт, Бахреин и Јордан по нападите од Иран

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија преку објава на социјалните мрежи изрази целосна поддршка и солидарност со неколку земји од Блискиот Исток, чии државјани, како што наведува, се соочуваат со неоправдани напади од страна на иранскиот режим.

Во реакцијата, објавена од официјалниот профил на Министерство за надворешни работи и надворешна трговија (MFAFT North Macedonia), се истакнува дека државата стои зад Саудиска Арабија, Обединети Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Бахреин и Јордан.
„Северна Македонија изразува целосна поддршка и солидарност со Кралството Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Државата Катар, Државата Кувајт, Кралството Бахреин и Хашемитското Кралство Јордан – чии граѓани се соочуваат со неоправдани напади од иранскиот режим“, се наведува во пораката.
Со оваа изјава, македонската дипломатија се приклучува кон меѓународните реакции во контекст на зголемените тензии во регионот на Блискиот Исток, повикувајќи на стабилност и безбедност за цивилното население.

Во врска со актуелната безбедносна состојба во регионот, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ги информира македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Државата Катар, Обединетите Арапски Емирати, Државата Кувајт и Кралството Бахреин внимателно да ги следат официјалните информации и да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции на земјите домаќини.

Ги потсетуваме нашите државјани дека во случај на потреба од помош или дополнителни информации можат да се обратат на следните контакти:

Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Е-пошта: [email protected]

Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Е-пошта: [email protected]

Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија континуирано ја следи состојбата и ќе продолжи навремено да ја информира јавноста за сите релевантни информации.

Пронајдете не на следниве мрежи: