Со чартер летови и владиниот авион ќе се евакуираат македонските државјани, досега пријавени 632

Со чартер летови и со владиниот авион ќе се евакуираат македонските граѓани кои побарале евакуација погодени од воената криза на Блискиот Исток. Според информациите од кризниот штаб при Министерството за надворешни работи, досега 632 граѓани се обратиле за помош.
Најголем интерес има во Абу Даби каде досега се пријавени 447 граѓани, но бројката континуирано расте. За нив, се финализираат деталите околу нивното враќање со чартер летови.
Бројката на граѓани кои се наоѓаат во Доха, а побарале евакуација останува иста 136, а непроменет е и бројот на граѓани кои се наоѓаат во Израел, а кои побарале помош. Шест од нив веќе се евакуирани односно на сопствен трошок со комерцијални летови се вратени дома, а останатите шест се очекува во текот на денот по копнен пат да бидат пренесени до Египет каде ќе бидат сместени во хотел на државен трошок, а утре се очекува со владиниот авион да бидат вратени дома.
Истовремено, се прави и посебен план за евакуација на граѓаните што се наоѓаат во Бахраин и Кувајт.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски државјани што се наоѓаат во погодените региони веднаш да стапат во контакт со надлежното дипломатско-конзуларно претставништво или со СОС-бројот на Министерството.

Пронајдете не на следниве мрежи: