Најлесно е кога политичарите за да се заштитат меѓусебе, велат виновен е системот. Како да се подзабораваат дека тој систем се тие , нивните фронтмени и лидери тие го градеа, го создадоа, надградуваа, а сега само здушно го бранат, и недаваат некој друг да им припари ,да влезе и да го размонтира. Е тоа е тој систем.
Тешко е секој 8 ми март да броиме нови жртви, не е време за славење, порача Председателката Сиљановска Давкова и одби да го слави празникот во ситуација кога, како што рече, заради нефункционалност на системот загубивме мајка и дете, а Македонија се соочува со серија на случаи на фемицид. Наместо вообичаена честитка за 8 Март претседателката одржа жесток и критички говор на свечената седница на Парламентот на која требаше традиционално да се одбележи празникот на жената.
Пратеничката Дијана Тоска истакна дека иако се донесени закони и изградени механизми за промоција на родовата еднаквост, нашата одговорност како законодавци не завршува со донесување на законите, таа започнува со нивната целосна и ефективна примена.
-За жал, денес овој ден го одбележуваме со тага, болка и голем гнев. Така и јас го чувствувам овој ден.
Жените во земји во војна се побезбедни отколку во овој македонски систем што не постапува, констатираше на собраниската седница, пратеничката од Левица, Јована Мојсоска.
Животот на жените не смее да зависи од административна проценка или одложена постапка. Институциите постојат за да штитат, не за да молчат, нагласи пратеничката Моника Зајкова.
-Пријави за семејно насилство, а од другата страна на институциите – молк. Додека ние овде во Собранието говориме за стратегии, достигнувања и родова еднаквост на хартија, жените ни умираат во реалноста. Собранието нема право да молчи повеќе. Собранието има еднаква одговорност, рече Зајкова.
Законот за електронска нараквица за следење на сторителите на насилство беше еднаш отфрлен во оваа собраниска сала, без дебата, но оттогаш броиме само имиња на жртви. Устите ни се полни со поддршка за жените, но поддршката беше отсутна кога требаше да обезбедиме конкретен механизам за заштита и превенција.
Таа запраша каде е парламентарниот надзор на институциите што молчеле.
-Колку жени уби системот со своето молчење? Колку пријави останале и уште колку се наоѓаат некаде во фиоките? И ова не се семејни работи, како што сакаат да кажат некои во општеството, туку е државна одговорност. 8 Март повеќе не ден за цвеќе, туку ден за вистината, а вистината е дека државата потфрли, заклучи Зајкова.
Жените треба да продолжат да го креваат својот глас, а мажите да бидат едуцирани дека не се супериорни, речепретседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешната собраниска седница. Според него, овој проблем мора да се третира и да се решава во семејството, во училиштето, во јазикот што го користиме, но и во начинот на кој ги воспитуваме нашите деца.
Пратеникот Фатмир Битиќи рече дека оваа седница се случува по три дена од трагедијата што ја потресе нашата татковина и сите не исполни со горчина.
Ако не прекинеме да се движиме по оваа патека, поплочена со изострена алчност, корумпирана себичност, тогаш и солзите ќе пресушат. Не затоа што болката ќе исчезне, туку затоа што ќе останеме без луѓе кои веруваат дека овде вреди да се остане. И токму затоа треба да имаме храброст да го именуваме злото.
Кога жена е убиена поради родово-базирано насилство тоа е фемицид. И ако не умееме да го препознаеме, спречиме и санкционираме, тогаш понорот што го држиме отворен не е случајност, туку последица на нашата вредносна пустина.
Се точно кажано а поразите се нижат
Кочани очигледно не беше доволна поука за заглавеноста на системот, таа трагедија очиглено и после година дена , без завршен судски процес, не е доволна поука за да учиме од грешките. Пасивноста на институциите, некомпетентноста, неказнивоста, неодоговрноста, партизираноста на општеството, клати врата земај плата, маргиналци на високи позиции .. или со еден наслов ЛУЗЕРИ, класична немоќ да се мрднеме напред, пораз по пораз – Институционален пораз. Немоќ, велат аналитичарите
И најлесно е кога политичарите за да се заштитат меѓусебе, велат виновен е системот. Како да се подзабораваат дека тој систем се тие , нивните фронтмени и лидери тие го градеа, го создадоа, надградуваа, а сега само здушно го бранат, и недаваат некој друг да им припари ,да влезе и да го размонтира. Е тоа е тој систем, а парламентарната говорница трпи се.


