Собранието ги одобри измените на Законот за градење и Законот за градежно земјиште

Собранието ги одобри измените на Законот за градење и Законот за градежно земјиште, предложени од Министерството за транспорт, со цел поттикнување на економскиот развој и подобрување на услугите за граѓаните.

Со измените на Законот за градежно земјиште, за прв пат ќе се овозможи јасен преглед на целата линеарна инфраструктура во земјата, како што се оптички кабли, телекомуникациски мрежи, водоводни и канализациски системи, гасни и нафтени мрежи.

Предвидено е оваа инфраструктура да биде регистрирана во Регистарот на инфраструктурни градби при Агенцијата за катастар на недвижности, со цел воспоставување поголем ред во подземната инфраструктура.

Со законските измени, општините ќе можат да располагаат со градежно земјиште предвидено во урбанистичките планови за технолошко-индустриски зони, што се очекува да придонесе за локален економски развој и полесна реализација на инвестициските планови на локалните компании.

Исто така, Законот за градежно земјиште е усогласен со Законот за урбанистичко планирање.

Во однос на измените на Законот за градење, се подобруваат условите за регулирање на сопственичкиот статус на базните станици на телекомуникациските компании, со цел обезбедување поквалитетни и поефикасни телекомуникациски услуги за граѓаните.

Овие промени предвидуваат и подобрување на процесот на техничка контрола на зградите од прва категорија, преку воспоставување попрофесионален пристап и повисоки стандарди за квалитет.
The post Собранието ги одобри измените на Законот за градење и Законот за градежно земјиште appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: