„Кога цените на нафтата растат, ние заработуваме многу пари“: Трамп се огласи и ги разјасни своите приоритети

Зголемувањето на цените на нафтата им носи големи профити на Соединетите Американски Држави како најголем производител, изјави денес американскиот претседател Доналд Трамп, но истакна дека за него е многу поважно да го запре Иран.

Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, тој напиша дека САД се убедливо најголемиот производител на нафта во светот, „па кога цените на нафтата растат, ние заработуваме многу пари“.

Трамп рече дека е потребно да се спречи Иран, кого го нарече „зла империја“, да се здобие со нуклеарно оружје и да го уништи Блискиот Исток, па дури и целиот свет.

„Никогаш нема да дозволам тоа да се случи“, заклучи американскиот претседател.

Американскиот министер за енергетика Крис Рајт претходно денес изјави дека американската морнарица сè уште не е подготвена да обезбеди транзит на танкери за нафта низ клучниот Ормутски теснец.

– Тоа ќе се случи релативно наскоро, но сега не е можно. Едноставно не сме подготвени. „Сите наши воени ресурси во моментов се фокусирани на уништување на офанзивните капацитети на Иран и индустријата што ги снабдува“, изјави Рајт за CNBC.

Цените на нафтата од типот Брент достигнаа 100 долари за барел, додека последната трговија беше околу 98,64 долари, што е зголемување од седум проценти во споредба со претходниот ден.

Прекинот на сообраќајот низ Ормутскиот теснец, единствената излезна и влезна точка од Персискиот Залив, предизвика најголем прекин во снабдувањето со нафта во историјата.

Танкерите остануваат во пристаништата бидејќи превозниците се плашат од ирански напади, што дополнително ја загрозува стабилноста на снабдувањето.

Иран вчера соопшти дека цената на нафтата би можела да достигне 200 долари за барел, објави Ројтерс.

– Подгответе се цената на барел нафта да достигне 200 долари, бидејќи тоа зависи од регионалната безбедност што ја дестабилизиравте – изјави портпаролот на штабот во Техеран на воената команда Хатам ел-Анбија, Ибрахим Зулфакари.
The post „Кога цените на нафтата растат, ние заработуваме многу пари“: Трамп се огласи и ги разјасни своите приоритети appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: