Денес, Парламентот на Албанија усвои резолуција со која Иранската револуционерна гарда се прогласува за терористичка организација и се наведува дека Иран е земја што го спонзорира тероризмот.
Владејачката Социјалистичка партија изјави дека целта на резолуцијата е да се осуди државната поддршка на тероризмот и употребата на хибридни тактики за дестабилизација, вклучително и сајбер напади врз суверени институции.
Албанската извршна власт нагласи дека ова не е „далечен геополитички проблем“, бидејќи земјата беше директно погодена од сајбер напади. Тирана го обвини Техеран за нападите во 2022 година што го нарушија информацискиот систем на Владата на Албанија.
Исто така, беше посочено дека нападот веројатно бил одмазда против Албанија за тоа што била домаќин на членови на иранска опозициска организација. После тоа, Тирана ги прекина дипломатските односи со Техеран.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар ги пофали албанскиот премиер Еди Рама и албанскиот парламент за усвојувањето на „историската резолуција“ со која Исламската Република Иран се прогласува за држава спонзор на тероризмот.
„Тероризмот во сите негови форми претставува една од најголемите закани за демократските општества. Ова е уште еден доказ за јасната морална димензија на албанската надворешна политика“, изјави Саар на својот профил на X.
The post Албанскиот парламент го прогласи Иран за земја што спонзорира тероризам, пофалби веднаш стигнаа од Израел appeared first on Во Центар.



