Изборот на Ненад Савески за државен јавен обвинител на собраниска седница

На денешната пленарна седница во Собранието се очекува да биде избран новиот државен јавен обвинител. Предлогот на Владата е тоа да биде Ненад Савески, судија од Основниот кривичен суд во Скопје.
Одлуката беше донесена на 10 март, а Савески беше избран од кандидатите кои добија позитивно мислење од Советот на јавни обвинители.
За да биде изгласан, на Савески му се потребни најмалку 61 пратенички глас.
Савески треба да го наследи Љупчо Коцевски кој минатата година поднесе неотповиклива оставка откако беше поднесена интерпелација за него во македонското Собрание. Коцевски тврдеше дека неговата смена има политичка позадина.
Покрај Савески, позитивно мислење од Советот на јавни обвинители добија и в.д. државната јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристоскаи обвинителката Лидија Раичевиќ.
За функцијата државен јавен обвинител конкурираше и поранешниот прв човек на Кривичниот суд Владимир Панчевски но тој не доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители.
На денешната пленарна седница треба да се расправа и за предлогот за избор на член на Судскиот совет што го избира Собранието. Комисијата за избори и именувања предложи две имиња – Cejфула Османи, доктор на правни науки со положен правосуден испит од Градец, Врапчиште и Apбер Исаку, дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово.
На пленарната седница се очекува да биде ставен и предлогот Ацо Ристов да биде избран за претседател на Регулаторната комисија за енергетика по оставката на Марко Бислимоски.

Пронајдете не на следниве мрежи: