Доаѓаат црни денови, граѓаните да се подготват, а Владата веднаш да донесе мерки за ублажување на ударот од цените на горивата и заштита на стандардот на населението – апелираше професорот на УКИМ, Ванчо Узунов во емисијата Бизнис 21.
Според него, конфликтот на Блискиот исток ќе потрае, а ефектите од кризата и во европската економија ќе се прелеат и кај нас, а најголемиот удар ќе биде врз најсиромашните граѓани. Ја повика Владата веднаш да донесе мерки, но стравува дека таа до сега не реагирала како земјите од соседството, дека нема фискален простор за мерки.
-И јас се согласувам дека кризава ќе потрае. Нема тукутака таа војна да заврши, а и да почне да завршува, негативните ефекти ќе се прелеат ќе продолжат и понатаму барем до крај на оваа година, минимум, изјави Ванчо Узунов, професор на УКИМ.
–Идат црни денови, тешки времиња и треба да се размислува, требаше одамна да почне да се размислува, прашувам за Владата, меѓутоа и секој граѓанин за себе, секое семејство да размислува дај да видиме што ќе правиме затоа што идат лоши времиња. Јас знам дека е вака малце дигање паника, ама подобро е да има паника, него после зошто не ни кажавте на време, изјави Ванчо Узунов, професор на УКИМ.
Според Узунов ако кризата трае повеќе од 6 месеци, оваа година ќе ја завршиме со нула проценти економски раст и стапка на инфлација над 7 – 8 посто.
За универзитетскиот професор Синиша Наумоски, кризата ќе се прелее врз македонската економија, а ударот ќе зависи од времетраењето на конфликтот. Вели ако цената на нафтата на глобалниот пазар надмине 130 долари за барел, инфлацијата во глобални рамки ќе биде околу 4 проценти.
-Еве мегдан каде вие како Стопански комори, синдикативе и Владава треба да направите веднаш фронт сега, утре и да договориме, намалување на акциза привремена од проекциите на меѓународните, од 2 до 6 месеци, ДДВ-то на горива исто така, активирање на, каде Македонија треба да се позиционира, активација на стратешките резерви, да видиме како и во која нели европска политика што вика минимум резерви од 90 дена. Значи ние треба да си обезбедиме минимум резерви од 90 дена, вели Синиша Наумоски, универзитетски професор.
Поскапиот транспорт ќе се одрази врз сите останати цени, рече претседателот на Комората на северо-западна Македонија, Нухи Алиу. Се надева дека владата наскоро ќе донесе мерки за да се ублажи ударот, особено врз најсиромашните.
-Транспортот и дериватите ги тангираат сите сектори, не можеш да кажеш дека некој од секторите ќе се спаси од корекцијата на цените. Тука нема шанса затоа што транспортот учествува во костото, во цената на чинење во секој продукт. Ние сме повеќе увозна земја значи увезуваме повеќе него што извезуваме значи и да извезуваме и да увезуваме значи имаме корекција на цените, вели Нухи Алиу, претседател на СКСЗМ.
Нухиу кажа дека сите стопански комори заедно разговараат со владата и нудат предлози. Нивен предлог е Регулаторна да го врати стариот правилник со кој наместо како сега цените да се формираат еднаш неделно-во понеделник, корекции да има постојано кога има осцилации на цените на нафтата на светските берзи. Вели дека со новиот правилник трговците со нафта имаат штети, бидејќи кај нас горивото е најевтино во споредба со регионот.


