Задоцнета мерка која нема да придонесе за реално намалување на цените на горивата. Вака опозициската СДСМ ја оценува мерката за намалување на ДДВ-то за горива од 18 на 10 проценти што ја донесе Владата.
Лидерот на партијата Венко Филипче на прес-конференција рече дека мерката нема да даде ефект којшто ќе го почувствуваат граѓаните.
– Цените на горивата веќе три недели се покачени. Прво дизелот се покачи за 14 денари, па потоа за уште 7 денари, и тоа се 21 денар. За утре се очекува ново поскапување на горивата. И имајќи го предвид ова намалување на ДДВ-то, тоа значи дека граѓаните нема да видат во текот на утрешниот ден, следната недела, следниот период вистинско намалување на цените на горивата кои што ќе ги плаќаат на бензиските пумпи туку горивото очекуваме да се зголеми за дополнителни 4 до 6 денари согласно новата пресметка на цената, рече Филипче.
Посочи дека три недели граѓаните биле оставени сами без никакви мерки и дека досегашните покачувања на цените, ги чинеле околу 4,5 милиони евра, односно толку пари повеќе дале од почетокот на кризата.
Филипче ја критикуваше Владата и за неносењето на мерки за намалување на цените на храната посочувајќи дека веќе се поскапени зејтинот, јајцата и зеленчукот.
– Нема мерка за намалување на цените на храната, а овие цени кога еднаш ќе се покачат тие повеќе нема да се вратат назад. Се прашувам со кое лице без срам излезе премиерот пред граѓаните со само една половична мерка. За да ни зборува колкави се цените на горивата во соседството, праша Филипче.
Суштинските решенија, според Филипче, мора да опфатат и мерки за долгорочно намалување на цените на храната комбинирано со акцизите на цените на горивата, а потребни се и пакети со помош за најранливите категории на граѓани.
Владата денеска донесе одлука за намалување на ДДВ-то на 10 проценти што според неа ќе значи намалување на горивата за 6 до 7 денари.
Ова е прва мерка што Владата ја воведува од почетокот на кризата која почна пред три недели. Мерката ќе трае од понеделник на полноќ во следните две недели.
Засега, според Владата, нема потреба од намалување на акцизите и да се ограничи точењето на горива на странски државјани – мерки коишто веќе ги воведоа некои од соседните држави.
Пронајдете не на следниве мрежи:


