недела, 29 ноември 2026
Најново

Унгарскиот дел од гасоводот ќе биде под воена заштита

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Унгарските вооружени сили ќе го обезбедуваат гасоводот во земјата од српската граница до словачката граница поради закана од напади од Украина, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Тој наведе дека Украина претходно извршила бројни напади врз објектите на „Турски тек“ на руска територија, кои се користат за транспорт на гас до Европа, вклучувајќи ги Унгарија и Словачка. Сепак, тој појасни дека не тврди директно оти Украинците ги поставиле експлозивите, туку дека чинот се вклопува во низа дејства, со кои Украина сака да ги наруши руските испораки на гас и нафта.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

„Обидот за саботажа во Србија покажа дека заканата продолжува. Затоа, премиерот Виктор Орбан нареди унгарскиот дел од гасоводот Турски тек да биде ставен под воена стража. Војници ќе го чуваат гасоводот и дистрибутивните станици за гас по целата негова должина“, рече министерот за надворешни работи во видео обраќање.

Украинското Министерство за надворешни работи категорично ги отфрли обвинувањата дека земјата е поврзана со откриениот експлозив во близина на српскиот дел од гасоводот „Турски тек“.

„Украина нема никаква врска со тоа. Најверојатно станува збор за руска операција под лажно знаме во рамките на масовното мешање на Москва во унгарските избори“, напиша на Х портпаролот на Министерството за надворешни работи, Георгиј Тихи.

Денеска, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, соопшти дека експлозив со голема разорна моќ бил пронајден на северот на Војводина во близина на гасоводот.

Експлозивот, како што се наведува, бил пронајден во рамките на истрага поврзана со загрозување на гасната инфраструктура што ги поврзува Србија и Унгарија. Вучиќ кажа и дека за случајот веднаш телефонски разговарал со унгарскиот премиер, Виктор Орбан.

Лидерот на унгарската опозиција, Петер Маѓар, пак, изјави дека во претходниот период добил информации дека нешто „случајно“ ќе се случи на гасоводот во Србија за Велигден, велејќи му на премиерот Виктор Орбан дека нема да може да ги спречи изборите што треба да се одржат следната недела.

Унгарецот нa Фејсбук напиша дека со недели добивал „сигнали од неколку места дека, по претходните неуспешни операции под лажно знаме, поради падот на поддршката за Фидес, Орбан сака да премине нова граница со помош на Србија и Русија.“

Поврзани вести