Screenshot
Судска пресуда на граѓанскиот суд во Скопје повторно го разгоре судирот меѓу поранешниот претседател на ССМ Живко Митрески кој беше сменет во 2017 година и раководството на ССМ.
Митрески, повикувајќи се на одлука од граѓанскиот суд донесена во февруари годинава, тврди дека бил нелегитимно сменет и дека сите одлуки донесени од времето на починатиот Дарко Димовски до денес се ништовни. Вели дека неговиот следен чекор е да се врати во ССМ и да го консолидира синдикатот.
– Кога нешто се носи како ништавност, тоа е од моментот на неговото донесување. Сè по него, по начелото на акцисорност, отпаѓа, вели Сашко Станинов, адвокат на Митрески.
Актуелното раководство на ССМ веќе има поднесено жалба на ваквата пресуда до Апелацискиот суд. Според нив, ваквата пресуда е обид институционално да се замолчи ССМ и чудно е тоа како е донесена пресуда против починат човек.
– Жалосно е што поединци во судството денеска судат на починат човек. Оваа пресуда е втора во низа иако беше укината од страна на Апелациониот суд минатата година со една намера – да се утврди дали има правен интерес за водење на постапка против поранешен претседател на ССМ, кој денес не е меѓу нас. За жал, повеќе од три години откако тој не е со нас, тие водат постапки обидувајќи се да докажат дека тој не е повеќе претседател на ССМ. Сметаме дека жалбата којашто е поднесена во текот на вчерашниот ден повторно ќе биде прифатена од страна на Апелациониот суд кој уште еднаш ќе утврди дека Основниот суд не постапил по неговите напаствија, изјави актуелниот претседател на ССМ Слободан Трендафилов.


