Прва порака од Иранската гарда по прекинот на огнот: „Не им веруваме на Американците, нашиот прст е на чкрапалото“

Иранската револуционерна гарда соопшти дека, и покрај најавениот двонеделен прекин на огнот меѓу Иран и Соединетите Американски Држави, останува во состојба на висока готовност. Како што истакнаа, „нивниот прст е на чкрапалото“ и дека се подготвени да возвратат доколку непријателот повторно донесе погрешни одлуки.

Според францускиот весник „Ле Монд“, иранските елитни сили јасно ставија до знаење дека воопшто не му веруваат на Вашингтон и покрај постигнатиот договор за привремено прекинување на непријателствата.

„Непријателот отсекогаш измамил. Ние не им веруваме на нивните ветувања. Ќе одговориме на секоја агресија со реакција на повисоко ниво“, објави Гардата на својот официјален канал на Телеграм.

Револуционерната гарда е инаку елитна воена и идеолошка формација во Иран која ја надгледува внатрешната безбедност, како и надворешните операции, што вклучува директна поддршка за сојузниците на Иран низ целиот регион.

Да ве потсетиме дека американскиот претседател Доналд Трамп објави прекин на огнот во конфликтот што САД и Израел го водат против Иран во ноќта од вторник кон среда. Американскиот лидер со тоа се откажа од претходните закани за разорни напади врз Исламската Република и се согласи на двонеделен условен прекин на непријателствата.

Договорот, чиј клучен дел е отворањето на стратешки важниот Ормутски теснец, беше објавен од Трамп приближно 90 минути пред истекот на неговиот ултиматум, а сè беше реализирано со силно посредништво од Пакистан.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изјави дека прекинот на огнот важи „насекаде“, вклучително и на територијата на Либан. Сепак, ова тврдење наскоро беше демантирано од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Сепак, Нетанјаху додаде дека Израел ја поддржува одлуката на Соединетите Американски Држави за пауза во конфликтот.

Во овој момент, сè уште не е сосема јасно кога официјално ќе стапи на сила прекинот на огнот. Во меѓувреме, глобалните пазари реагираа на деескалацијата на тензиите, при што цените на нафтата паднаа по најавите за прекин на огнот, иако тие остануваат далеку над нивоата пред конфликтот.
The post Прва порака од Иранската гарда по прекинот на огнот: „Не им веруваме на Американците, нашиот прст е на чкрапалото“ appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: