Законски измени: Граѓаните ќе имаат можност да се согласат за донација на органи со изјава до својот матичен лекар

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за отстранување и трансплантација на делови од човечкото тело за медицински цели е достапен во Националниот електронски регистар на прописи (ENER) од денес, соопшти Министерството за здравство.

Министерот Азир Алиу рече дека досегашната имплементација на законот довела до потреба од донесување измени со цел проширување на кругот на лица кои можат да бидат живи донатори на органи, олеснување и промена на административните процедури и овозможување на секој граѓанин да одлучи да биде потенцијален донатор на органи по смртта со поднесување изјава до својот матичен лекар.

„Ова е уште еден чекор кон зголемување на јавната свест за важноста на донирањето органи како највисок чин на филантропија што спасува човечки животи. Целта е волјата на граѓанинот да биде примарна, системот да биде потранспарентен и доверлив, а личната одлука да се врати таму каде што припаѓа – кај самата личност“, нагласи министерот Алиу.

„Исто така, се планира воведување на национална листа, која ја води Министерството за здравство, во националниот систем за електронски здравствени картони, како и други административни и технички измени во законскиот текст“, информираше министерството.
The post Законски измени: Граѓаните ќе имаат можност да се согласат за донација на органи со изјава до својот матичен лекар appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: