Ајварот од Штип на светска сцена: Рита Ора промовира македонски вкус во Нов Зеланд

Македонскиот ајвар одамна не е само регионален специјалитет, туку вистински гастрономски амбасадор кој го освојува светот. Последната потврда за тоа доаѓа од глобалната музичка ѕвезда Рита Ора, која преку социјалните мрежи им приреди пријатно изненадување на своите балкански следбеници.ќ

За време на нејзиниот престој во Нов Зеланд, пејачката сподели фотографија со опис „A little bit of this, a little bit of that“, на која меѓу различните производи може да се забележат и тегли од македонскиот ајвар „Перустија“. Овој бренд е дел од производството на штипската компанија Ларс, која веќе подолго време успешно се пробива на меѓународните пазари.

Фотографијата не само што привлече внимание кај обожавателите, туку и ја потенцираше растечката глобална популарност на традиционалниот македонски деликатес. Во истата објава може да се забележат и производи од познат бренд за производство на паштети, што дополнително ја нагласува балканската гастрономска нота во изборот на пејачката.
Компанијата Ларс од Штип веќе извесен период го извезува ајварот „Перустија“ во земји како Австралија, Канада, САД и низ Европската Унија, каде што се натпреварува со бројни светски брендови и успешно го наоѓа својот пат до потрошувачите кои бараат автентичен вкус.

Фактот што една светски позната личност како Рита Ора избира токму македонски ајвар, претставува силна потврда за квалитетот и традицијата што стојат зад овој производ. Воедно, тоа е и уште еден доказ дека македонската гастрономија сè повеќе го освојува светот.

Пронајдете не на следниве мрежи: