Шпанскиот премиер Педро Санчез денес ги поддржа повиците за мир упатени од папата Лав XIV, наведувајќи дека би му било „чест“ да го угости во Шпанија.
„Кој сее ветер, жнее бура. Додека во светот сеат војни, Лав XIV сее мир, со храброст и дрскост. Ќе ми биде чест да го пречекам во Шпанија за неколку недели“, рече Санчез во објава на платформата „Икс“.
Папата Лав XIV претходно денес изјави дека ќе продолжи јавно да зборува против војната, и покрај критиките упатени кон него од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој им рече на новинарите во авионот на пат кон Алжир, каде што започнува десетдневна турнеја низ четири африкански земји, дека не сака да влегува во контроверзност со Трамп, но нагласи дека ќе продолжи да промовира мир и дијалог и „гласно да зборува против војната“.



