Цените на основните прехранбени производи во просек речиси и не се променилр од 1 февруари до 1 април, забележува Министерството за економија и труд во анализата на трошоците на животот во овој период. Во анализата, која е изработена во соработка со Државниот пазарен инспекторат, се опфатени цените на 55 најпродавани производи.
„Резултатите покажуваат дека во анализираниот период е регистриран минимален пораст на продажните цени од 0,43 отсто, додека набавните цени бележат нешто повисок раст од 1,01 отсто. Истовремено, просечната бруто профитна маржа кај трговците е намалена од 16,28 на 15,80 отсто, што укажува на тоа дека дел од притисокот од растот на набавните цени е апсорбиран од трговците, со цел да се задржи стабилноста на цените за граѓаните“, наведуваат од Министерството за економија и труд.
Најголемо поскапување, според анализата, имало кај киселото млеко, сирењето, јајцата и маслото. Кај овошјето и зеленчукот, според анализата на Министерството за економија и труд, имало намалување на цените од 0,86 отсто, а покачени цени се нотирани кај доматите и кромидот. Кај безалкохолните пијалоци е евидентирано поевтинување од еден отсто, а кај основните хигиенски производи – поскапување од 1,42 отсто.
Од министерството наведуваат дека цените во анализираниот период се „умерени и под контрола“, како и доколку е потребно, Владата ќе преземе мерки тие да се стабилизираат.



