Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, објасни зошто сите граѓани треба да го поддржат денешниот протест на Синдикатот за култура.
– Зошто утре треба да се протестира !?
Не е во прашање само Колективниот договор за култура, во прашање се сите колективни договори во кои има утврдено начин и методологија на пресметка на плата, без оглед на тоа дали е просечна или минимална плата по коефициент за сложеност, без оглед на тоа дали е најниска плата по коефициент на сложеност, без оглед на тоа дали е дополнителен % за зголемување на плата, итн.
За сите други е јасно дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, но зошто тоа не е јасно за Уставните судии !?
Член 32 од Уставот утврдува дека:
,,Секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.
Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Секој вработен има право на соодветна заработувачка.
Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор.
Од овие права вработените не можат да се откажат.
Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.”
Согласно Уставот, Колективните договори имаат сила на Закон, а во Уставот е предвидено дека Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, а од овие права вработените не можат да се откажат !
Дополнително, член 1, став 2 од Законот за работните односи предвидува дека ,,Работниот однос се УРЕДУВА со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.”
Дополнително, во Законот за работните односи, во член 105, став 1 е предвидено дека ,,Работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување.”
И покрај тоа, Уставните судии одлучиле да поведат постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и тоа поставувајќи си три клучни прашања:
1.Дали колективниот договор ја надминува законската делегација,
2.Дали воспоставува автономен платен систем без законска рамка и
3.Дали обезбедува јасни и објективни критериуми за утврдување на платите.
Одговорот е ист за сите три, тоа уставните судии добро го знаат, а тоа е :
Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, работниот однос се УРЕДУВА со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување, а работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување.
Ова го гарантираат Уставот, Законите, колективните договори, но и Меѓународните трудови стандарди на МОТ, му се допаѓало тоа некому или не !
Но дали си ги поставиле најважните три прашања :
1.Која е намерата за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура,
2. Дали тоа тоа ќе повлече укинување на сите колективни договори каде што има утврдено начин на пресметка на плата
3. Чија желба е тоа ?
Поддршка на Синдикат на културата на Република Македонија и на вработените во културата. – напиша Слободан Трендафилов.



