Повторно се шири токсичен чад од дивата депонија кај село Пчиња, што предизвика силна реакција кај локалното население и здружението „Еко Пчиња“. Жителите алармираат дека не станува збор за изолиран случај, туку за хроничен проблем што директно го загрозува нивното здравје.
„Депонијата кај с. Пчиња повторно гори – повторно чад, повторно труење. Ова не е инцидент, туку системски неуспех“, порачаа од „Еко Пчиња“.
Граѓаните велат дека ваквите ситуации се повторуваат со години, без соодветна институционална реакција.
„Игнорирање, неодговорност, нула акција – ова е директна закана за здравјето на луѓето“, наведуваат тие во обраќањето до јавноста.
Од „Еко Пчиња“ бараат итна интервенција од Државниот инспекторат за животна средина и конечно, трајно решавање на проблемот.



