По тревогата во Европа, АХВ уверува: спорниот HiPP производ не е увезен

По информациите за повлекување на одредени бебешки кашички од брендот HiPP во Австрија и дел од Европа поради сомнежи за контаминација, македонските институции уверуваат дека спорниот производ не е присутен на домашниот пазар.

Агенција за храна и ветеринарство соопшти дека досега нема добиено известување преку европскиот систем за брзо предупредување за небезбедна храна RASFF дека во земјава е дистрибуирана небезбедната бебешка храна која се повлекува во Австрија.

Станува збор за стаклена тегличка од 190 грама, со вкус на морков и компир, која е предмет на истрага во неколку европски земји, откако беа објавени сомнежи за присуство на отров за глувци. Од АХВ велат дека состојбата се следи внимателно и доколку се појави потреба, институцијата ќе реагира навремено.

Дополнителна потврда дека нема причина за загриженост стигнала и од овластениот дистрибутер на производите на HiPP во земјава, кој писмено ја известил Агенцијата дека конкретниот производ воопшто не е увезуван и не е пласиран на македонскиот пазар.

Случајот предизвика внимание во Европа откако производителот ги повлече спорните теглички од супермаркетите SPAR во Австрија, нагласувајќи дека повлекувањето е превентивно и дека контаминацијата, според нивните информации, не потекнува од производствениот процес, туку е поврзана со кривично дело што е предмет на истрага.

Во меѓувреме, продавници во Словачка и Чешка презедоа дополнителни мерки и ги повлекоа сите теглички од овој тип од продажба, додека локалните власти објавија и предупредувања за препознавање на сомнителните производи.

Од HiPP Македонија дополнително посочуваат дека производот со морков и компир воопшто не се продава кај нас и нагласуваат дека останатите производи од брендот што се достапни на домашниот пазар подлежат на редовни контроли при увоз и се безбедни за употреба.

Засега, пораката од надлежните е дека спорната серија не стигнала до македонските потрошувачи, а институциите остануваат во координација со европските системи за безбедност на храна.

Пронајдете не на следниве мрежи: