Вучиќ: Брисел повеќе го поддржува ректорот Ѓокиќ, јас сум премногу тврдоглав и премногу Србин

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека нема сомнеж оти Брисел повеќе го поддржува ректорот на Универзитетот во Белград, Владaн Ѓокиќ, отколку него. Вучиќ истовремено себеси се нарече „премногу тврдоглав и премногу Србин“, пренесува Н1.

„Сите оние кои сакаат помалку независна Србија или повеќе зависна од нивните ставови, повеќе ќе го поддржуваат Ѓокиќ или некој друг отколку мене. Јас сум премногу тврдоглав, премногу Србин, премногу ја сакам Србија за да им бидам по волја на моќниците“, рече денеска Вучиќ пред српските новинари.

Прашан за средбата меѓу Ѓокиќ и комесарката за проширување на Европската унија, Марта Кос, Вучиќ рече дека Ѓокиќ имал многу средби, повеќепати, на повисоко ниво од Марта Кос, но дека за тоа не се зборувало во јавноста.

Тој рече дека другата страна успеала да ја придобие поддршката на ЕУ.

„Не можеме да имаме поддршка кај оние кои се лобисти за независно Косово, кај оние кои Србија ја прогласуваат за геноцидна, а меѓу нив е и Сандро Гоци, овој лопужа кој не знае ни која националност е“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека Ѓокиќ има поддршка, дека тоа е очигледно, но дека него (Вучиќ) го интересира поддршката од народот во Србија, а не поддршката „во туѓи земји и во туѓи кабинети“.

Инаку, ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ѓокиќ, завчера отпатува за Брисел, каде се сретна со европската комесарка за проширување, Марта Кос. Ова е првпат ректорот Ѓокиќ да се сретне со функционер на Европската Унија, објави Нова.рс.

Професорот Зоран Стоиљковиќ оцени дека заминувањето на ректорот Владан Ѓокиќ во Брисел е знак дека во круговите на ЕУ се бара нов лидер, при што Ѓокиќ, делумно благодарение на сопствената вклученост, но и на демонизацијата од страна на режимот, од релативно маргинална позиција прерасна во сериозен политички кандидат, додека владата, како што наведува, ќе продолжи да ја оспорува неговата неутралност и професионализам.

Додека српската јавност нашироко шпекулира дали Ѓокиќ ќе биде прв на студентската листа за парламентарните избори или барем претседателски кандидат, се чини дека ректорот на БУ е перцепиран така и од Европската Унија.

Ѓокиќ особено стана вирално лице во јавноста по неговиот говор пред насобраните студенти и граѓани, откако имаше полициски упад во Ректоратот на Универзитетот во Белград.

Пронајдете не на следниве мрежи: