Груевски до Филков: Истражи ги и монтираните судски постапки

Поранешниот премиер Никола Груевски кој има азил во Унгарија попладнево се огласи преку социјалните мрежи по најавите за негова екстрадиција во земјава откако досегашниот премиер во Унгарија Виктор Орбан ги изгуби изборите.
Груевски во подолг статус на Фејсбук му се обраќа директно на актуелниот министер за правда Игор Филков, како што вели, ревносно да ги истражи и незаконските постапки при политичкиот прогон во годините на поранешниот премиер Зоран Заев, монтираните судски постапки и неправдите што ги направил за да може полесно да владее.
– Му предлагам да собере информации како беа доставувани списоци од кабинетот на Заев за тоа кој треба да биде гонет за да се направи дека е криминалец и да се острани од политиката, а кој за да биде уценет и лажно да сведочи против други. Да собере информации за еден куп сведоци или обвинети, кои со разни недозволени и незаконски уцени и закани беа приморувани да даваат лажни изјави и сведоштва.Да собере информации од адвокатите на обвинетите со што се соочуваа тие, та некои од нив заради тешки притисоци и закани мораа да се повлечат од улогата на бранители, други се замолкнуваа, а трети не можеа да поверуваат што се случува во судниците, вели Груевски.
Обвинувајќи дека случаите биле монтирани од тогашната власт предводена од тогашниот премиер Зоран Заев, Груевски се осврнува посебно за секој случај за кој е обвинет.
– Треба да се погледне директно во очи на историската вистина на случувањата во Макеоднија во тој период ако министерот сака да има професионален однос и да се дистанцира од злоделата и криминалите на тогашниот премиер Заев, кој денес слободен како паун се шета низ Македонија, вели Груевски.

Додава дека еден ден, се ова ќе допре и до ЕУ и дека, како што вели, таа парадија на правосудниот систем на Македонија ќе се погледне од вистинскиот агол.

– Ако министерот не сака да стане дел од еден голема валкана игра од минатото, собирајќи ги предметите од судот за мене, не зависно што тогаш бил член на СДСМ, нека се потруди и нека ги провери и овие работи, па потоа нека дејствува како што е праведно и воден од својата совест и законите, му порачува Груевски на Филков.

 

Пронајдете не на следниве мрежи: