Актерката Весна Петрушевска започна иницијатива за собирање 10.000 потписи со цел, како што вели, да се стави „црвено светло“ за политичките партии и да се отвори прашањето за заштита на децата на социјалните мрежи.
Таа преку јавен повик апелира граѓаните да се приклучат преку платформата за петиции, нагласувајќи дека не станува збор за финансиска кампања.
„Јас не барам и не примам пари. Барам само ваша поддршка и потпис“, посочува Петрушевска, додавајќи дека опцијата за донации на платформата е стандардна, но не е дел од нејзината иницијатива.
Во обраќањето таа потенцира дека, доколку не се постигне ни минимална граѓанска мобилизација, тоа ќе биде доказ за, како што вели, пасивноста во општеството.
„Ако ова не можеме, тогаш навистина ќе ми се потврди дека сте херои само на тастатура“, наведува Петрушевска.
Како аргумент за својата иницијатива таа посочува примери од повеќе држави кои веќе воведуваат рестрикции за користење социјални мрежи од страна на малолетници.



