По повод денешниот Ден на македонскиот јазик, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, порача дека благодарение на правилните политики на СДСМ, денес македонскиот јазик е целосно признат и заштитен на меѓународно ниво.
„Денеска го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, јазик кој е целосно признат во Фронтекс во 2022-ра година, првиот официјален договор во Европската Унија, потпишан на чист македонски јазик, без фусноти, без објаснувања, без ѕвездички”, рече Филипче.
Тој потсети дека признавањето на македонскиот јазик е потврдено и во меѓународните договори и организации.
„Во Преспанскиот договор од 2018 година експлицитно е наведено дека македонскиот јазик е дел од јужнословенската група јазици и е признат од Обединетите Нации. Во Европската Унија, македонскиот јазик е официјално признат во Преговарачката рамка, во Обединетите Нации, сите други меѓународни организации и секако билатерални договори”, рече Филипче.
Притоа, Филипче нагласи дека македонскиот јазик не е загрозен, и потенцираше дека власта свесно создава вештачка паника за политички цели.
„Македонскиот јазик не е на продажба и тој не е никако загрозен. Сепак, Христијан Мицкоски продолжува со својата стара кампања, намерно создавање паника и лажно бранење на идентитетот. Зошто тоа го прави?Па затоа што му треба изговор. Нема ниту една реформа, нема мерки за граѓаните, нема буквално ниту еден резултат. И во исто време, кампања на медиумите под контрола на Орбан, против СДСМ, затоа што ние ги поддржуваме европските интеграции”, рече Филипче.



