Трамп: Примирјето останува, Иран е предводен од лудаци!

Претседателот на САД, Доналд Трамп, им рече на новинарите дека примирјето меѓу САД и Иран останува на сила, минимизирајќи ја најновата размена на оган меѓу американските и иранските сили во Ормутскиот теснец.

Трамп напиша на Truth Social дека три американски разорувачи од светска класа поминале, многу успешно, низ Ормутскиот теснец, под оган.

„Немаше никаква штета на разорувачите, но им беше нанесена голема штета на иранските напаѓачи. Тие беа целосно уништени заедно со бројни мали чамци, кои се користат како замена за нивната целосно обезглавена морнарица“, напиша Трамп на Truth Social.

Како што изјави, овие ирански бродови „отидоа на дното на морето, брзо и ефикасно“. „Ракетите беа испукани кон нашите разорувачи и лесно беа соборени. Исто така, беспилотните летала дојдоа и беа изгорени додека сè уште беа во воздух. Паднаа толку убаво во океанот, како пеперутка што паѓа во својот гроб“, додаде Трамп. Како што истакна, нормална земја би им дозволила на овие разорувачи да поминат, но „Иран не е нормална земја“.

„Тие се предводени од лудаци, и ако имаа можност да користат нуклеарно оружје, ќе го стореа тоа, без двоумење – но никогаш нема да имаат можност и, исто како што ги нокаутиравме повторно денес, ќе ги нокаутираме уште посилно, и со уште поголема сила, во иднина, ако не потпишат договор, и тоа брзо!“, напиша Трамп.

Според него, трите американски разорувачи, со нивните „прекрасни екипажи“, сега повторно ќе се приклучат на американската поморска блокада, која, како што вели тој, е навистина „челичен ѕид“. Не е јасно кој прв отвори оган во Ормутскиот теснец синоќа. Централната команда на САД (CENTCOM) објави дека американската војска извршила одмазднички напади врз Иран, таргетирајќи локации за кои рече дека се одговорни за нападите врз американските сили како дел од „неиспровоцираните непријателства“ на Техеран.

Од друга страна, Иран ги обвини САД за кршење на примирјето со испукување ракети кон два танкера во Ормутскиот теснец и напаѓање цивилни области во Иран. Претходно, медиумите објавија дека бродови на американската морнарица извршиле напад врз ирански танкер во Ормутскиот теснец, по што иранските сили одговориле со испукување ракети.

Фокс њуз последователно објави дека американските сили извршиле напади врз иранските пристаништа Кешм и Бандар Абас, при што американските претставници нагласија дека ова не е продолжување на војната или крај на примирјето. Нападите, објави Фокс њуз, се случија откако Иран испука 15 балистички и крстосувачки ракети кон пристаништето Фуџаира во Обединетите Арапски Емирати пред два дена, „предизвикувајќи гнев кај земјите од Заливот“.

Пронајдете не на следниве мрежи: