(Видео) Драма во Грција кај Лефкада: Пронајден поморски дрон, полн со експлозив?

Вистинска драма се одвива во Грција откако рибари вчера, на Лефкада, пронајдоа поморски дрон без екипаж, кој наводно бил полн со експлозив.

Случајот со откривањето на поморскиот дрон се развива во трилер бидејќи, како што се испостави, тој носи специјални сензори, антени и високотехнолошка комуникациска опрема.

Според информациите од порталот Прототема, тој бил натоварен со експлозиви и три детонатори, а надлежните служби што го водат случајот веќе го разоружале.

Според грчките медиуми, станува збор за напредно беспилотно површинско возило од украинско производство, слично на оние што интензивно се користеа во украинската војна за извидувачки мисии и напади со голема прецизност врз руски цели во Црното Море.

Медиумите пишуваат дека дронот со црна боја бил пронајден вчера во пештера со вклучен мотор. Рибарите го врзале и го одвлекле до пристаништето Василики. Потоа бил предаден на Министерството за одбрана, кое веднаш започнало истрага.

Медиумите пишуваат дека е пронајден MAGURA V3 – украински беспилотен морски дрон, или далечински управуван камиказе чамец.

Овој дрон функционира како мал беспилотен брз чамец, натоварен со експлозив, кој се контролира од далечина, често преку сателит. Наменет е за напади врз бродови, извидување, електронско војување и специјални операции на море.

Властите во моментов разгледуваат неколку сценарија во врска со намената на дронот. Една истрага ја разгледува можноста дека бил користен во операции за шверц на дрога, потенцијално како алатка за шверцери.

Истражителите, исто така, не ја исклучиле поврзаноста со планираните напади врз бродови поврзани со таканаречената „флота во сенка“ на Русија, која се користи за транспорт на руска нафта за заобиколување на западните санкции.

Слични инциденти се пријавени во последните месеци. Во декември, рускиот танкер „Кендил“ беше цел на напад, додека во март, рускиот брод за течен природен гас „Арктик Метагаз“ претрпе значителна штета по експлозија југоисточно од Малта.

Пронајдете не на следниве мрежи: