Природниот прираст во првиот квартал годинава е негативен и изнесува – 1.962, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица, објави македонскиот Државен завод за статистика (ДЗС).
Според податоците на ДЗС, природниот прираст е негативен во 66 општини.
Во првиот квартал годинава во споредба со истиот период лани бројот на живородени деца изнесува 3.380 и е намален за 4.1 проценти.
Бројот на умрените лица во првото тримесечје од годинава бележи намалување од 1 процент во споредба со истото тримесечје од 2025 година и изнесува 5.342 лица, а од нив девет се умрени доенчиња.
Податоците на Евростат покажуваат дека Република Северна Македонија бележи континуиран пад на бројот на жители, што ја позиционира земјата меѓу државите со изразени негативни демографски трендови во Европа. Бројот на жители се намалил за околу 14.500 лица во период од три години, од 1.837.114 жители во 2022 година, на 1.822.612 жители во 2025 година, покажува статистиката на Евростат.
Како клучни фактори за ваквите движења се наведуваат негативниот природен прираст и иселувањето, тренд кој е присутен подолг период и влијае на демографската структура на земјата.
The post ДЗС: Негативен природен прираст забележан во 66 општини appeared first on Во Центар.



