Мицкоски: Бруто домашниот производ е зголемен, четврти е во Европа

Градежништвото е еден од најголемите придонесувачи за растот на бруто домашниот производ (БДП), нагласи премиерот, Христијан Мицкоски, кој одговараше на прашање од новинарите во врска со вчерашната средба со претставници на градежниот сектор и колку оваа гранка влијае врз БДП.

Премиерот Мицкоски нагласи дека е задоволен што БДП со хармонизирани вредности е 3,3 проценти, и како што рече, е четврти во Европа.

„Ме радува што БДП со хармонизирани вредности е 3,3 проценти и моментално е четврти во Европа, според податоците што се објавени, како процент од БДП – сето ова за сите оние што спинуваат, како што всушност правеле и претходно. Ме радува, бидејќи седми квартал по ред имаме просек некаде околу 3,4 во услови кога нашиот најголем трговски партнер, а тоа е Европската Унија, е под еден процент“, изјави Мицкоски.

Тој го смета ова за исклучително позитивен резултат за нашата земја.

Премиерот Мицкоски на прес-конференција пред три дена изјави дека податоците објавени од Евростат покажуваат дека седми квартал по ред, Владата остварила раст на БДП, кој првично е во горната половина од Европа, а потоа и во првите пет земји во Европа.

Тој потсети дека ова не е индикатор објавен од Владата, туку параметар објавен од Евростат.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во април годинава, индустриското производство се зголемило за цели 7,6 проценти во споредба со април минатата година, а како што рече Мицкоски, „со ова во првите четири месеци од годината, во првиот квартал од 2026 година, како ретко која друга земја во Европа, имаме позитивно индустриско производство“. Во однос на новоотворените работни места во првите 21 месец од работата на Владата, податоците покажуваат дека има 16.000 нови работни места.
The post Мицкоски: Бруто домашниот производ е зголемен, четврти е во Европа appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: