Жан Клод Ерабл и Соланж Хахати се венчаа во саботата во Бунија во источен Конго, каде што епидемијата на ебола го менува општествениот живот и го ограничува бројот на луѓе што се собираат.
Наместо планираните 300 гости, на прославата им беше дозволено да присуствуваат само 50 лица.
„Планиравме за 300 гости, но само на 50 луѓе им беше дозволено да влезат. Беше навистина тешко бидејќи сакавме да прославиме со пријатели“, изјави невестата Соланфе Хахати за АП.
Актуелната епидемија на ебола, предизвикана од реткиот вирус Бундибугио, е концентрирана во покраината Итури во источен Конго. Според податоците од здравствените институции во Конго, потврдени се 515 случаи на инфекција и 91 смртен случај.
Властите веруваат дека реалниот број е поголем бидејќи епидемијата е потврдена со задоцнување од неколку недели, а фактот дека не постои одобрена вакцина или терапија за овој вирус дополнително го комплицира одговорот.
За да се спречи ширењето на болеста, локалните власти апелираа до населението да го ограничи физичкиот контакт, редовно да ги мие рацете и брзо да ги пријавува сомнителните случаи.
Во католичката црква во Бунија, главниот град на Итури, роднините и пријателите кои присуствуваа на мисата држеа дистанца, ги фотографираа младенците и славеа без вообичаените прегратки и бакнежи, додека дел од толпата пееше пред црквата.
Младоженецот, Жан Клод Ерабле, рече дека се обиделе да ги почитуваат пропишаните мерки.
„Се придржуваме до превентивните мерки и почитуваме физичко дистанцирање. Морам да кажам дека нема никакви проблеми или пречки бидејќи се трудиме да ги почитуваме сите мерки пропишани од државата“, рече тој.
По церемонијата, дел од свадбениот прием беше преместен на отворено за да им се олесни на гостите да се распоредат.
Свештеникот Аиме Локанабего, кој ја водеше мисата, рече дека некои семејства веќе ги одложиле планираните свадби. Тој додаде дека црквата во моментов не организира други религиозни настани со поголем ризик од изложеност, како што се крштевките.
„Ова е, на некој начин, нашиот одговор на оваа епидемија на ебола на наше ниво. Ситуацијата е критична“, рече Локанабего.
The post Пар во Конго направи свадба со мерки за дистанца поради епидемијата на ебола, наместо 300, пристигнаа 50 гости appeared first on Во Центар.



