ЦГК: МНР исплатило милион евра аванс за летовите од Блискиот Исток, наместо законски дозволените 20 отсто

Центарот за граѓански комуникации во новото истражување за јавна набавка утврдил серија неправилности во постапката што ја спровело Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за евакуација на македонски државјани од Блискиот Исток во март, по почетокот на воените операции меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга страна, објави СДК

Според анализата на ЦГК, постојат индиции дека тендерот за избор на економски оператор за евакуациските летови бил наместен, а постапката била спроведена со повеќе прекршувања на Законот за јавни набавки.

Еден од клучните наоди е дека летовите од Дубаи и Ријад биле платени однапред, во целост и одеднаш, во износ од еден милион евра. Од ЦГК посочуваат дека тоа е спротивно на законот, кој дозволува авансно плаќање најмногу до 20 проценти од вредноста на договорот. Дополнително, авансот не бил покриен со банкарска гаранција, како што налага законот, ниту пак такво плаќање било предвидено во тендерската документација.
Постапката почнала на 4 март, по завршување на работното време. Министерството, во периодот од 15:57 до 17:28 часот, испратило барање до девет фирми да достават понуди до следното утро, најдоцна до 11 часот. Практично, компаниите имале помалку од едно деноноќие да подготват и испратат понуда за евакуација на македонски државјани од кризен регион.
Барањето било испратено на општите контакт-адреси на девет економски оператори. Според ЦГК, не е јасно според кои критериуми МНР ги избрало токму овие компании, особено ако се има предвид дека ниту една од нив немала тековен договор со државна институција за обезбедување авионски услуги.

Дополнителна дилема, како што наведува Центарот, е зошто меѓу фирмите од кои биле побарани понуди не биле вклучени најрелевантните оператори за тоа кризно подрачје – „ФлајДубаи“ и „ФлајНас“.
Министерството ги контактирало: Аеронаутички Регионален Центар Скопје, „Туркиш ерлајнс“, „Кроација ерлајнс“, „Визер“, ДПТУ „Нова Травел-МС“ ДОО Струмица, „Аурора турс“ Скопје, „Пегасус ерлајнс“, ТА „Кондор“ Скопје и ТА „Папилон“ Скопје. Во дадениот краток рок, ниту една од деветте компании не доставила понуда.
По неуспешниот прв обид, МНР ја поништило постапката и истиот ден, на 5 март, се обратило само до една компанија – „Авиалог“ Скопје. Министерството тврдело дека дознало оти оваа фирма е претставник на „ФлајДубаи“, но, според ЦГК, доставената картичка не докажувала деловна или правна поврзаност меѓу двете компании.
„Авиалог“ доставила понуда следниот ден, на 6 март во 14 часот. Истиот ден биле спроведени преговорите, бил склучен договорот, била издадена фактурата за првите два лета и Министерството ја извршило исплатата.
Од ЦГК укажуваат дека висината на провизијата што ја добила компанијата не е јавно достапна, бидејќи МНР отстапило од вообичаениот модел на договори за јавна набавка на авионски карти и изнајмување авиони. Во таквите договори најчесто јасно се наведува агенциската провизија која се наплатува над цената на авионската карта или над цената за изнајмување авион.

Министерството првично проценило дека евакуацијата ќе чини 60 милиони денари, односно над 970.000 евра. Единствената добиена понуда, од „Авиалог“, изнесувала 59.799.900 денари, односно над 967.000 евра. Разликата меѓу проценетата вредност и понудата била само 0,33 проценти.

Според податоците што ги објави Центарот за граѓански комуникации, цената за превоз по авион изнесувала 211.000 евра по лет за изнајмениот авион на „ФлајДубаи“, модел „боинг 738-макс“, и 260.000 евра за авионот на „ФлајНас“, модел „ербас А-320“. Во цената биле вклучени ноќевање и автобуски превоз.
Освен речиси целосното совпаѓање меѓу проценетата вредност на МНР и единствената понудена цена, според ЦГК спорна е и брзината со која биле завршени сите дејства, како и начинот на кој биле исплатени буџетските средства.
На 6 март 2026 година, истиот ден кога била доставена понудата, МНР го склучило договорот со „Авиалог“ Скопје. Истиот ден компанијата ја изготвила првата фактура за двата лета на релација Дубаи – Скопје, со наведени датуми за реализација на 8 и 11 март 2026 година. Истиот ден, Министерството ја платило фактурата.
Вториот лет, според анализата, бил реализиран на 10 март, иако во фактурата останал првично наведениот датум – 11 март.

ЦГК оценува дека ваквото плаќање е незаконито, бидејќи е спротивно на условите наведени во тендерската документација. Во неа јасно стоело дека договорниот орган ќе изврши исплата „во најкраток рок по извршување на услугите и доставување на фактура до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија“.

Со други зборови, според тендерските услови, услугата требало прво да биде реализирана, а дури потоа да следува исплатата.
„Имено, според податоците во Регистарот на вистински сопственици, фирмата ‘Авиалог’, носител на договорот, е 100 % во сопственост на физичко лице од Македонија. Притоа, и во самата понуда и во издадените фактури фирмата носител на договорот не се повикува на никакво претставништво и поврзаност со ‘ФлајДубаи’, дотолку повеќе што за евакуациските летови се користени и услуги на авиокомпанијата ‘ФлајНас’“, укажува ЦГК.
„Авиалог“ требало да ги плати летовите од свои средства и потоа овие трошоци да ги покрие по наплатата на фактурата. Но, поставувањето на едни услови во тендерската документација и потоа нивно менување во договорот не е во согласност со Законот за јавни набавки и ги изигрува останатите економски оператори, наведуваат во извештајот  ЦГК.
Патници се превезени со 4 лета – три од Дубаи до Скопје и еден од Ријад до Приштина. Произлегува дека цената на евакуација по патник од Дубаи изнесувала 1.548 евра, а од Ријад по 1.960 евра. Иако договорот за јавна набавка предвидува евакуација на македонски државјани, превезени се и 42 странски државјани од соседните земји.

The post ЦГК: МНР исплатило милион евра аванс за летовите од Блискиот Исток, наместо законски дозволените 20 отсто appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: