Гувернерот на Народната банка Трајко Славески се надева дека банките што најавија зголемување на провизиите ќе ги преиспитаат ваквите одлуки и ќе им излезат во пресрет на граѓаните.
На денешната собраниска седница за пратенички прашања, Славески во одговор на прашање поставено од Јован Митрески од СДСМ, рече дека неговиот личен став е дека не постои оправданост за вакво зголемување.
– Мислам дека банките ќе одговорат на она што е сентимет во јавноста. Сепак, станува збор за една есенцијална услуга, услуга која е јавна корист. Имено, банките се во привилегирана положба во однос на другите вршители на платен промет затоа што според закон сите исплати на плати, на пензии, плаќањата на данокот на доход, одат преку трансакциските сметки што се во банките. Секако треба ова да го имаат предвид, рече Славески.
Соопшти дека од трите големи и една средна банка која најавија зголемување на провизиите, една голема банка веќе ја одложила примената на вакавата одлука за два месеца за да ги преиспита евентуалните последици од имплементацијата на одлуката.
Посочи и дека во тек се разговори со Македонската банкарска асоцијација за проширување на функциите од т.н. платежни сметки за основни функции. Една од опциите за надминување на ситуацијата, според Славески се и да и се даде поголема надлежност на центраната банка во регулацијата на надоместоците што ги наплаќаат банките. Вакви примери, според Славески, има во држави во опкружувањето и во светот.



