Наплатата на даноци и придонеси во првата половина од 2026 година достигна исклучителни 2 милијарди и 271 милиони евра, што е за 231,8 милиони евра повеќе од истиот период лани и претставува уште една потврда за забрзаното темпо на раст на јавните приходи, соопшти Управата за јавни приходи (УЈП).
Според податоците на УЈП, даночните приходи бележат раст од 14,9 проценти, додека приходите од социјални придонеси се повисоки за 7,6 проценти. Особено се издвојува јуни, кога е регистриран раст од 41,6 проценти кај даночните приходи и 12 проценти кај приходите од придонеси во однос на истиот месец лани.
-Овие резултати претставуваат потврда за стабилната наплата на јавните приходи, зајакнатата доброволна усогласеност на даночните обврзници и позитивните економски движења. Стабилната наплата на приходите е еден од клучните предуслови за стабилни јавни финансии, навремено сервисирање на буџетските обврски и обезбедување средства за здравство, образование, социјална заштита, инфраструктура и останатите јавни услуги, велат од УЈП.
По основ на данок на добивка во првото полугодие се наплатени 224,5 милиони евра, што е раст од 14,5 проценти на годишно ниво. Од УЈП оценуваат дека ваквите резултати произлегуваат од подобрените финансиски резултати на компаниите и зголемената економска активност.
Од УЈП посочуваат дека истовремено значителен раст е забележан и кај задржаниот данок и данокот на вкупен приход. – Кумулативниот раст во апсолутен износ е речиси 17 пати поголем од растот што беше остварен во првото полугодие од 2025 година во однос на 2024 година. Ова укажува на значително забрзано темпо на раст на приходите. Во март и април 2026 година е реализирана највисоката месечна наплата на данокот на добивка во последните пет години, се вели во соопштението.
Кај данокот на личен доход се наплатени 285,2 милиони евра, што претставува раст од 11,7 проценти. Раст на наплатата е евидентиран секој месец, а најголемо зголемување има кај доходот од работа (особено по договори на дело и авторски права), доходот од закупнини, доходот од капитал и капитални добивки, доходот од игри на среќа, како и кај доплатите по годишниот данок на доход.
-Кумулативниот раст на приходите од овој данок е речиси двојно повисок од растот што беше остварен во првото полугодие од 2025 година во однос на 2024 година. Особено се издвојува месец јуни, кога е остварен раст на наплатата од 20,8 отсто и еден од најдобрите месечни резултати во апсолутен износ на наплата, информираат од УЈП.
Во соопштението се посочува дека во првите шест месеци од годинава по основ на ДДВ се наплатени 703,4 милиони евра, што е 16,4 отсто повеќе во споредба со истиот период лани.
-Кумулативниот раст на приходите од ДДВ е шест пати повисок од растот што беше остварен во првото полугодие од 2025 година во однос на 2024 година, што укажува на значително побрза динамика на раст. Континуиран раст е евидентиран кај бруто наплатата на ДДВ од увоз и од промет во земјата. Особено е значајно што растот на приходите е остварен и покрај примената на намалените стапки на ДДВ за горивата во дел од годината, што значи дека позитивните резултати се должат на поширока даночна база, повисока економска активност и подобра наплата, а не на повисоко даночно оптоварување, велат од УЈП.
По основ на социјални придонеси се наплатени 1 милијарда и 57,7 милиони евра, што претставува раст од 7,6 отсто во однос на истиот период минатата година.
Од УЈП оценуваат дека континуираниот раст на јавните приходи е показател за посилна економија, подобрена даночна дисциплина и поголема доверба во институциите, најавувајќи продолжување на реформите насочени кон модерен и ефикасен даночен систем.



