Кос во Скопје: Уставните измени остануваат следниот чекор за започнување на процесот на членство во Европската Унија

„Уставните измени остануваат следниот неопходен чекор за започнување на процесот на членство во Европската Унија“, изјави денес еврокомесарот за проширување, Марта Кос, на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.

„Проширувањето на ЕУ не се гради врз гаранции дадени однапред, туку врз доверба, обврски, посветеност, исполнување и нивна работа“, рече Марта Кос, одговарајќи на новинарите во врска со гаранциите дека Владата на Северна Македонија се стреми да продолжи со спроведување на уставните измени потребни за започнување на суштинскиот процес на преговори за членство во ЕУ.

„Јас не сум тој што може да ви даде совет како да изградите доверба со вашите соседи, но она што го знам е дека колку повеќе доверба имате, толку полесно ќе биде да напредувате низ процесот на пристапување. Процесот на пристапување не е само техничкиот дел каде што треба да направите реформи, туку процесот на пристапување е поврзан и со динамиката, политичката динамика во земјите-членки.“

„Она што сакам да го кажам е дека можеме да изградиме доверба не само со добри зборови, туку и со добри дела. Можеме да изградиме доверба со избегнување на дејствија и зборови што можат да ги зголемат тензиите. Можеме да изградиме доверба кога го почитуваме меѓународното право, ќе ги решаваме споровите мирно. Можеме да изградиме доверба со соработка по заеднички прашања. Постојат многу заеднички прашања во ЕУ.“

„Градењето доверба ја поддржува регионалната стабилност, а градењето доверба не се однесува само на една земја-членка, туку градењето доверба е градење доверба со сите дваесет и седум земји-членки“, рече Кос. 
The post Кос во Скопје: Уставните измени остануваат следниот чекор за започнување на процесот на членство во Европската Унија appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: