Нова студија: Еве што му прави учењето странски јазик на мозокот

Учењето втор јазик го забавува стареењето на мозокот, а двојазичните лица имаат мозок кој изгледа околу шест години помлад од монолингвалните, според студија објавена денес.

Според ова истражување, учењето втор јазик може да го забави стареењето на мозокот до 13 години, а колку повеќе јазици зборувате и колку порано ги научите, толку подобро, објавува „Гардијан“.

Студијата, исто така, открила дека луѓето со познавање на три јазици имале мозоци кои изгледале околу седум години помлади, додека оние кои зборувале четири јазици имале мозоци кои изгледале 13 години помлади.

Нашиот мозок е составен од милијарди нервни клетки кои комуницираат едни со други, но како што старееме, поврзаноста во нашиот мозок често се влошува, што доведува до намалување на меморијата и брзината на размислување.

Иако претходните истражувања забележаа дека луѓето од европските земји со познавање на повеќе јазици имаат тенденција да стареат побавно, оваа студија го измери влијанието на говорните јазици врз индивидуалните мозоци. Научниците во Шпанија, Чиле, Аргентина и Даблин ги споредија луѓето што живеат во баскискиот регион, кој се карактеризира со високо ниво на повеќејазичност.

Овие лица вклучени во студијата зборувале шпански, баскиски, француски и/или англиски. За мерење на невролошката возраст, научниците користеле магнетоенцефалографија за да ја измерат мозочната активност на 728 лица од различна возраст и ниво на јазични способности.

Потоа ги обработиле резултатите со помош на вештачка интелигенција за да го пресметаат нормалното ниво на мозочна поврзаност на која било дадена возраст.

Потоа научниците скенирале и споредиле друга неповрзана група од 144 луѓе, која се состоела од еднаков број луѓе кои зборувале еден, два, три или четири јазици. Научникот Лусија Аморузо од Баскискиот центар за когниција, мозок и јазик во Сан Себастијан истакнала дека мозоците на луѓето кои зборувале повеќе јазици изгледале помлади од очекуваното за нивната хронолошка возраст.

Според неа, ефектот не бил поврзан само со бројот на зборувани јазици, туку подоброто ниво на познавање на јазикот и пораното стекнување биле поврзани и со одложено стареење на мозокот.

Истражувачите ги зедоа предвид факторите како што се возраста, полот и образованието на луѓето, но предупредија дека не можат да го исклучат потенцијалното влијание на други елементи што можат да влијаат на мозокот, како што се начинот на живот и општествената ангажираност.

„Оваа студија сугерира дека учењето втор, трет или четврти јазик може да му помогне на нашиот мозок да остане млад подолго, а колку порано почнеме, толку подобро“, заклучи невронаучникот Кристина Дала од Националниот и Каподистриски универзитет во Атина, додавајќи дека затоа учењето јазици треба да се поддржува во училиште и во текот на целиот живот.
The post Нова студија: Еве што му прави учењето странски јазик на мозокот appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: