Претседателот на Русија, Владимир Путин, денес одржа состанок со членовите на владата, на кој министрите го информираа за состојбата на пазарот на горива и изјавија дека тешкотиите со горивата се привремени.
Тој оцени дека рускиот енергетски систем е меѓу најстабилните во светот и покрај обидите на противниците да ѝ наштетат на руската економија.
Путин повика на брзо решение на проблемот со снабдувањето со гориво во Крим и во јужните делови на Русија, нагласувајќи дека одлуките за поддршка на тие области мора да се донесат веднаш, а не потоа, пренесува РИА Новости.
„Мерките за поддршка на луѓето што живеат таму и оние што дојдоа на одмор мора да се спроведат сега, а не подоцна. Овие одлуки треба да се донесат што е можно поскоро“, рече Путин за време на состанокот одржан преку видеоконференција.
Претседателот на Русија рече дека граѓаните не треба да чувствуваат посебен товар поради ситуацијата со горивото и додаде дека е важно и независните бензински пумпи да ја добијат потребната количина гориво.
Потпретседателот на руската влада, Александар Новак, изјави дека ситуацијата на пазарот на горива делумно се стабилизирала , но дека сè уште е сложена.
Според него, побарувачката се зголемила за околу една третина.
Новак изјави дека Русија ќе почне да увезува гориво од други земји овој месец , како и дека е воведена целосна забрана за извоз на дизел .
„Ова ќе овозможи зголемување на испораките на домашниот пазар“, рече тој.
Тој додаде дека владата се договорила со компанијата „Руски железници“ за можноста за попуст на железничките тарифи со цел да се создадат економски услови за увоз на гориво.
Путин нареди тој и премиерот Михаил Мишустин редовно да му доставуваат извештаи за состојбата во рускиот сектор за гориво.
Според него, тешкотиите со снабдувањето со гориво се поврзани, меѓу другото, со обидите на противниците да ја нарушат празничната сезона и да создадат „нервна атмосфера“ во руското општество.
Забрана за извоз на дизел од Русија
Вицепремиерот на Русија Александар Новак на денешната владина седница со која претседаваше рускиот претседател Владимир Путин потврди дека од денес е воведена забрана за извоз на дизел гориво од Русија.
„Забраната ќе ни овозможи да го зголемиме снабдувањето на домашниот пазар. Во јули ќе започнеме и со увоз на нафтени производи. Ја продолживме нултата царина за увоз на нафтени производи и адитиви за уште една година“, рече Новак, пренесува Интерфакс.
Во април, владата воведе ембарго за извоз на бензин, кое е на сила до крајот на јули, а од 1 јуни до 30 ноември 2026 година е на сила привремена забрана за извоз на гориво за авиони од Русија.
The post Криза во Русија: Путин се огласи,воведена забрана appeared first on Во Центар.



