Почнува „Охридско лето“, над 700 уметници од 24 земји во светот

Со гала концертот „Љубов“ на големата оперска ѕвезда Ермонела Јахо од Албанија и американскиот тенор Чарлс Кастроново од вечерва во Охрид почнува 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Јахо и Кастроново ќе настапат под диригентската палка на Италијанецот Марко Боеми во придружба на Националната опера и балет.

На 40-дневниот фестивалски репертоар се педесеттина неповторливи доживувања од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот при што фестивалските сцени ќе примат над 700 докажани уметници од 24 земји во светот.
Во рамки на програмата предвидено е и одбележување на два јубелеи – 100 години од раѓањето на големата оперска дива Ана Липша Тофовиќ и 60 години постоење на Факултетот за музичка уметност –Скопје.

Во соработка со претставниците на дипломатските претставништва во земјава, ќе бидат организирани Австриска вечер, Шпанска вечер, Британска, Италијанска, Француска, Холандска, Грчка, Словачка, Унгарска и Полска вечер, како и Вечер на Европската унија.
Годинава, на „Охридско лето“ новина се концертите на џез-музика што ќе се одржат од 13 до 16 август на сцената „Долни Сарај“ и во црквата „Света Софија“со врвни уметници од САД, Гана, Велика Британија, Холандија, Германија и С.Македонија.
Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со финансиска поддршка од Владата преку Министерството за култура и туризам. Генерален спонзор е А1 Македонија, а во реализацијата на фестивалските вечери помагаат и Општина Охрид, дипломатскиот кор во земјава, како и бројни спонзори и поддржувачи.
The post Почнува „Охридско лето“, над 700 уметници од 24 земји во светот appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: