Зошто сонуваме и што ни кажуваат соништата?

Соновите го фасцинираат човештвото уште од памтивек. Дневниците за соништата се воделе уште во древна Месопотамија, а сликите од потсвеста инспирирале бројни уметници, од режисерот Дејвид Линч до пејачката Деби Хари. Но, што точно се соништата, зошто ги имаме и што ни кажуваат? Науката сега нуди некои одговори на овие вечни прашања, пишува BBC Bitesize.

Што се соништата?

Сонот е низа од слики, мисли и чувства што се јавуваат за време на спиењето. Понекогаш тие имаат јасна приказна, додека друг пат се сосема случајни и непредвидливи. Луѓето сонуваат во просек околу два часа секоја ноќ, а содржината на соништата често е поврзана со настани од претходниот ден.

Некои соништа се почести од други. Веројатно сте слушнале за луѓе кои сонуваат за летање, паѓање или појавување на важен состанок целосно неподготвени и без облека.

Зошто сонуваме?

Соништата најчесто се случуваат за време на REM спиењето, период во кој мозокот е исклучително активен, скоро како кога сме будни. Околу една четвртина од ноќта ја поминуваме во REM спиење.

Постојат неколку теории за тоа зошто сонуваме. Еволутивните психолози веруваат дека соништата играат улога во преживувањето бидејќи ни овозможуваат да симулираме опасни ситуации и нашите реакции на нив во безбедна средина.

Според друга теорија, сонувањето е од суштинско значење за обработка на меморијата. Се верува дека мозокот потоа пренесува важни информации од краткорочна во долгорочна меморија, отфрлајќи ги неважните врски за да ни овозможи да размислуваме појасно во текот на денот.

Што значат соништата?

Значењето на соништата ја плени човечката имагинација со векови. Во 1900 година, познатиот невролог Зигмунд Фројд ја објавил книгата „Толкување на соништата“, во која ја презентирал теоријата дека сцените од соништата се всушност претставување на нашите потсвесни стравови и вознемирености. Тој верувал дека разбирањето на соништата може да ни помогне да се соочиме со овие стравови во будна состојба и да ја преземеме контролата врз нив.

Понова теорија, која произлегува од истражување на американски научници во 2011 година, сугерира дека соништата се форма на ноќна терапија. Според неа, соништата ни овозможуваат подиректно да се соочиме со животните грижи и стравови, што ни помага да се чувствуваме помалку напнато во текот на денот.

Дали животните сонуваат?

Одговорот е да, некои од нив сонуваат. Иако долго време се сметаше дека сонот е исклучиво човечка способност, неодамнешните истражувања покажуваат дека ова можеби не е вистина. Научниците открија дека разни животни, од октоподи до пајаци, минуваат низ фаза на спиење слична на човечката REM фаза, што укажува дека и тие можеби сонуваат.

Што е луцидно сонување?

Луцидното сонување е состојба во која лицето е свесно дека сонува. Во такви соништа, понекогаш е можно да се преземе контрола врз дејството. Историските записи за луѓе кои доживуваат луцидни соништа датираат од времето на античка Грција.

Постојат техники што можат да помогнат во предизвикување на луцидни соништа. Една од нив е техниката MILD, која вклучува поставување јасна намера пред спиење, на пример:

„Вечерва ќе станам свесен дека сонувам!“ Друга техника е проверка на реалноста, при што лицето редовно проверува мали детали во текот на денот, како што е гледање на часовникот или броење прсти, со цел да ја пренесе истата навика во сон и полесно да ги забележи нелогичностите што откриваат дека станува збор за сон.

Зошто имаме кошмари?

Иако повеќето од нас се надеваат на пријатни соништа, речиси секој од нас повремено доживува кошмари. Тие се јавуваат и кај возрасни и кај деца, најчесто во втората половина од ноќта. Причините можат да бидат различни, од стрес, вознемиреност и болест до гледање застрашувачка содржина или едноставно прекинат сон.

The post Зошто сонуваме и што ни кажуваат соништата? appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: