Македонската православна црква – Охридска архиепископија се вклучува во акцијата за помош на граѓаните на Гостивар, организирајќи дистрибуција на вода за пиење за сите на кои им е потребна.
Со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски Стефан и митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф, од вчера па сè додека постои потреба, секој ден од 14:00 часот во дворот на Соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Гостивар ќе се врши бесплатна дистрибуција на вода за пиење.
Од Тетовско-гостиварската епархија упатуваат благодарност до сите фирми, поединци и до Хуманитарната организација при СПЕ на МПЦ „Свети Спас“, чии донации овозможија да се реализира оваа хуманитарна акција.
Воедно, се повикуваат сите граѓани на кои им е потребна вода да дојдат во дворот на храмот и да ја подигнат потребната количина.
„Бог да ги благослови сите дарители и сите кои придонесоа за ова добро дело“, порачуваат од Епархијата.
Акцијата претставува дел од напорите на МПЦ-ОА да им помогне на жителите на Гостивар во услови на актуелната состојба со водоснабдувањето, обезбедувајќи практична и непосредна поддршка за граѓаните.



