Од денес на Македонската берза котираат три државни обврзници во вкупна вредност од 41 милион евра. Со тоа, државата за тие пари ќе се задолжи на внатрешниот пазар.
Најголемата емисија од околу две милијарди денари (32,9 милиони евра) ја сочинуваат 202.370 долгорочни државни обврзници без девизна клаузула. Рокот на достасување е 30 јули 2041 година, а стапката е фиксни 5,2 проценти.
На Берзата се тргува и со 37.676 државни обврзници со девизна клаузула во вредност од 376,8 милиони денари (6,1 милион евра), исто така со рок на достасување до 2041 година, но со каматна стапка од пет проценти.
Во котацијата е вклучена и трета емисија – 12.321 државна обврзница без девизна клаузула во вредност од 123,2 милиони денари (околу два милиони евра). За наплата ќе стигне на 30 јули 2029 година со камата од 4,35 проценти.
Министерството за финансии информира дека издавањето на државните хартии од вредност коишто од денеска котираат на официјалниот пазар на Македонска берза се дел од планираното задолжување на домашниот пазар согласно усвоениот буџет и ребаланс за 2026 година во Собранието.
– Дополнително издавањето на овие емисии на државни хартии од вредност се транспарентно објавени на веб-страницата на Министерството за финансии во календарот на аукции на државни хартии од вредност за третиот и четвртиот квартал, којшто се објавува во текот на јуни 2026 година. Исто така, транспарентно на веб-страницата се објавени и проспектите за одржување на аукциите со условите и датумот на одржување – велат од Министерството.



